Регион
Обелоденети делови од договорот меѓу Белград и Приштина
Договорот меѓу Белград и Приштина, кој се очекува да биде потпишан во Белата куќа за неколку часа, сè уште не е објавен, но некои делови излегоа во јавноста, пренесе „Танјуг“.
Како што објави „Б92“ тие стигнале до јавноста благодарение на несогласувањата меѓу лидерите на Косово.
Поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, попладнево му порача на сегашниот премиер, Авдулах Хоти, дека ќе ја напушти владејачката коалиција доколку Хоти потпише договор со кој, како што изјави Харадинај, на Србија ѝ се препушта да управува со езерото Газивода, односно со дел од територијата и ресурсите на Косово.
Газивода е значаен енергетски ресурс, а Харадинај смета дека тој не смее да биде во рацете на Србија, бидејќи, како што наведува, Газивода е само 2,7 километри во Србија, а 9,2 километри на територијата на Косово, поточно на северот на Косово.
Договорот, исто така, предвидува и реализација на проектот „мини-Шенген“, на кој се спротивстави Приштина, и покрај притисокот на албанскиот премиер Еди Рама да се приклучи на иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Документот предвидува и мораториум на членството на Косово во меѓународните организации за една година, што, исто така, се дозна благодарение на незадоволството на Харадинај.
Документот содржи и проекти во вредност од 13 милијарди долари, како што објави приштинската телевизија „Клан Косова“. Станува збор за финансиски средства предвидени за инвестиции во инфраструктура и заеднички регионални проекти кои ќе влијаат на развојот на Косово и Србија.
Телевизијата „Клан Косова“ известува, неофицијално, дека договорот нема да биде потпишан меѓу делегациите на Белград и Приштина, туку секоја страна ќе го потпише документот посебно со американскиот претседател Доналд Трамп.
Телевизијата објави дека најверојатно нема да има потреба тие документи да бидат ратификувани во парламентите на двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

