Црна хроника
Приведени тројца скопјани за тешка кражба во маркет
СВР Скопје поднесе кривична пријава до Скопското јавно обвинителство против А.Б.(26), А.Ј.(23) и И.Г.(34), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело тешка кражба во маркет во населба Ѓорче Петров, при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 804.700 денари.
„Врз основа на информациите на А.Б., кој пред две години работел во маркетот како обезбедување и ја знаел целосната поставеност на просториите во маркетот и на камерите од видеонадзорот, на 17 април околу 23:00 часот, преку имот што граничи со маркетот, влегле во задниот дел од објектот, по што А.Ј. ја скршил камерата за видеонадзор и го деактивирал сензорот за аларм во маркетот. Откако А.Б. и А.Ј. влегле внатре во маркетот, ги скршиле сите камери за надзор, го одзеле сефот со пари од дневен промет, како и поголема количина на цигари, парфеми, кремови, лосиони и алкохолни пијалаци. По тоа, во возило на третопријавениот И.Г. го товариле предметите и заминале“, информираат од Обвинителството.
По преземени мерки од Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров – Одделението за криминалистички работи, по насоки и во содејство со ОЈО Скопје, било утврдено дека А.Б., А.Ј. и И.Г. го испланирале и го извршиле кривичното дело..
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Штипјанец со туѓа картичка подигнал 31.000 денари, МВР поднесе кривична
Полицијата поднесе кривична пријава против Џ.К.(24) од Штип, поради сомнеж за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според истрагата, на 20 октомври 2025 година, пријавениот, без согласност и дозвола од едно женско лице од Штип, неовластено ја прибавил и употребил нејзината банкарска картичка.
Со неовластен пристап до сметката, тој извршил четири успешни трансакции на два различни банкомати во Штип. На овој начин, од жената одзел вкупно 31.300 денари.
Црна хроника
Државјанин на Камерун фатен на Табановце со туѓа француска лична карта, купена во Скопје за 1.000 евра
Полицијата, вчера, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, го приведе П.М.Ф.Б. (29) од Камерун.
При рутинска гранична контрола, утврдено е дека мажот при увид приложил туѓа француска лична карта. Веднаш потоа, преку проверка, евидентирано е дека документот е предмет на меѓународна потрага од страна на Интерпол.
Од понатамошната истрага констатирано е дека државјанинот на Камерун претходно бил регистриран во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Во неговите изјави, тој признал дека француската лична карта ја набавил од едно лице во Скопје, за која платил сума од 1000 евра.
Од МВР велат дека тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Малолетници од Радовиш подметнале пожар на автобус паркиран во училиштен двор
Синоќа во полицијата во Радовиш било пријавено дека настанал пожар на автобус паркиран во дворното место на Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во овој град.
На местото на инцидентот веднаш пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш, која успешно го локализирала и изгаснала пожарот и нема повредени лица.
По преземените истражни постапки, полициските службеници утврдиле дека пожарот бил намерно предизвикан од страна на двајца малолетни лица од Радовиш. Со нив, во присуство на нивните родители, се извршени службени разговори, при што тие го признале делото.
Како доказен материјал, од малолетниците е одземена запалката со која го подметнале пожарот.
Со случајот е запознаен јавен обвинител при Основното јавно обвинителство во Струмица и по документирањето ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација

