Македонија
СДСМ: Скапите автомобили го покажаа лицемерието на опозицијата и Мицкоски
Скапите автомобили што вчера граѓаните ги видоа се уште една потврда за вистинското, лицемерно лице на ВМРО-ДПМНЕ и поразениот Христијан Мицкоски, велат од СДСМ преку соопштение по вчерашните протести на опозицијата.
„Не постои поголем показател за нечесниот однос на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кон граѓаните. Организираат таканаречени протести за цената на електричната енергија, кога токму оваа партија во своето владеење ја зголеми за 100 отсто цената на електричната енергија и ја укина евтината дневна тарифа на струјата за домаќинствата. Граѓаните одамна го препознаа нечесниот и неискрен однос на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и затоа не им даваат поддршка на лажните и лицемерни протести кои служат само за зачувување на фотелјата на Мицкоски во Белиот дворец“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Граѓаните и членовите на ВМРО-ДПМНЕ вчера го реализираа вториот протест против поскапувањето на струјата со блокади на улицата пред Регулаторната комисија, како и булеварот Климент Охридски, кој води до центарот на градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ја прими албанската министерка Спиропали: Заедничката европска перспектива да стане реалност
Регионот како целина треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, заклучија на денешната средба претседателката Гордана-Сиљановска Давкова и министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета.
Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес, укажувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, напредокот на секоја земја има позитивен ефект врз регионалната евроинтеграциска динамика.
Претседателката потсети дека, по 20 години кандидатски статус, македонскиот пристапен процес станува исцрпувачки маратон, со постојано одложување на целта.
Таа потенцираше дека Копенхагенските критериуми мора да бидат единствените услови за членство и дека билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки.
Албанската министерка искажа силна поддршка за македонските евроинтеграции и уверување дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности и треба заеднички да чекорат кон европското семејство.
Обете се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и
инфраструктурното поврзување, а особено за реформски процеси неопходни за членството во ЕУ.
Во трилатералниот меморандум потпишан меѓу нас, Бугарија и Албанија, препознаваме јасно дефинирана временска рамка и динамика за реализирање на активностите врзани за Коридорот 8.
Воспоставувањето на систем со едно застанување „One Stop Shop“ на сите гранични премини меѓу двете земји, сметаат дека ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка.
Соговорничките укажаа на потребата од засилена економска соработка и се заложија за продолжување на одличната соработка во НАТО.
Почитувањето на правата на малцинските заедници е додадена вредност за пријателските македонско-албански односи.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 335.963.096 денари кон 1.211 сточари
Денеска е извршена исплата на средства во вкупен износ од 335.963.096 денари кон 1.211 сточари, согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Во однос на корисниците на кои не им се исплатени средства по основ на субвенции за 2023 година, информираме дека е потребно истите да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со цел да се изврши детална проверка и разгледување на секој поединечен случај. Грижата за земјоделците продолжува“, велат од таму.
Македонија
ДПМНЕ пак дели тендери, фирмата на Нефи Усеини дел од колачот вреден 3 милиони евра, велат од СДСМ
Мицкоски и ДПМНЕ сите тендери ги собраа за себе, па почна да ги раздаваат. Фирмата на контроверзниот Нефи Усеини од Охрид, кадар на ДУИ, добила дел од тендерот вреден 3 милиони евра од Македонија пат, за зимско одржување патишта, истакнуваат од СДСМ.
„Додека секој ден зборуваат за ДУИ пред граѓаните зад грбот им делат тендери.
Никој не може да добие тендер без одобрение на Мицкоски и ДПМНЕ.
Владата на Мицкоски нема пари за земјоделците, нема за сточарите, им ги нема исплатено ниту субвенциите. Но затоа за криминални тендери мора да има пари“.
Дури и парите од ИПАРД 3 програмата, како што додаваат од опозициската партија, посегнаа да ги крадат, по што ЕУ ја суспендираше програмата вредна 130 милиони евра поради корупција.
Прашуваат, дали земјоделците имаат разбирање за ваквото однесување на ДПМНЕ.

