Македонија
Без струја делови на Центар, Ѓорче Петров и Карпош

Од „ЕВН Македонија“ информираат дека без електрична енергија ќе останат делови на Центар, Ѓорче Петров и Карпош.
Во периодот од 8.30 до 14 часот без струја ќе бидат корисниците од улицата Христо Черноппев бр. 1а, 1б, 2, 2а, 3, 3а, 4, 4а, 5а, 5б, 6 и 6а (општина Центар), од 9 до 11.30 часот корисниците од улицата Македонска преродба од бр. 40 до бр. 50, како и корисниците од улицата Борис Сарафов од бр. 10 до бр. 20 и од бр. 50 до бр. 70 (општина Ѓорче Петров), од 9 до 15 часот корисниците од улицата 102, лоцирани во околината на ОУ „Јоаким Крчовски“ во село Волково (општина Ѓорче Петров), и од 10 до 13 часот корисниците од улицата Љубљанска 1-1 (општина Карпош).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Божиновска: Вратите на Министерството се отворени за студентите – потпишан Меморандум со Машинскиот факултет

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за соработка со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со цел зајакнување на врските меѓу институциите, отворање на нови можности за студентите и унапредување на практичната настава. Документот го потпишаа министерката Божиновска и деканот на Факултетот, проф. д-р Златко Петрески.
Со овој Меморандум се создаваат услови за студентски пракси во Министерството, заедничко учество во проекти, како и организирање на работилници, обуки и конференции. Дополнително, документот отвора пат за долгорочна соработка во областа на енергетиката, машинството и иновациите, како и поголема вклученост на студентите во процесите кои ја обликуваат иднината на енергетскиот сектор.
„Нашата заедничка цел е младите инженери да добијат што повеќе реални искуства уште за време на студиите. Вратите на Министерството се отворени за нив – преку пракси, проекти и дијалог сакаме да создадеме генерации кои ќе бидат подготвени да одговорат на предизвиците на енергетската иднина“, истакна министерката Божиновска.
Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески, ја нагласи важноста на ваквиот чекор, посочувајќи дека ова е силен импулс за факултетот и за студентите, кои сега ќе имаат повеќе можности за практична надградба на знаењата.
По повод почетокот на академската година, на Машинскиот факултет беше одржан и мини академски час, на кој министерката Божиновска имаше прилика да се сретне и разговара со студентите. Студентите изложија кои се нивните очекувања од студиите, што би сакале да се подобри во практичниот дел на наставата и на кој начин институциите можат да им помогнат за полесно да се вклучат во реалниот пазар на трудот. Студентите отворено споделија идеи и предлози, а министерката ја нагласи подготвеноста на Министерството активно да им овозможи повеќе практични можности, стажирања и учество во проекти. Таа ги охрабри да бидат активни и да го користат секој простор што им се нуди за практично знаење, но и да ги изнесат своите идеи и очекувања.
„Вашиот глас е важен – вие сте идните двигатели на енергетскиот и индустрискиот развој, а наша задача е да ви дадеме простор да растете и да создавате“, порача Божиновска.
Министерката Божиновска изрази посебно задоволство од фактот што на Машинскиот факултет сè поголем број девојки ја гледаат својата иднина и избираат инженерски насоки. Таа нагласи дека токму ваквите примери се доказ дека стереотипите во образованието и професиите се надминуваат, а младите жени се сè поактивни во областа на технологијата и енергетиката. „Посебно ме радува што сè повеќе девојки одлучуваат да станат дел од машинството и енергетиката – тоа е силен сигнал дека иднината е во рацете на нови генерации кои ќе внесат свежа енергија и еднакви перспективи“, истакна министерката.
Со овој Меморандум, Министерството и Машинскиот факултет отвораат ново поглавје во заедничката соработка, кое треба да резултира со силна поддршка на образованието, иновациите и одржливиот развој во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доследно ја гради својата соработка со академската заедница, бидејќи токму вложувањето во младите кадри е најважна и само со ваков ангажман можеме да ги задржиме младите инженери во земјата и да ја изградиме новата генерација експерти што ќе ја движи енергетиката напред.
Освен меморандум со Машинскиот факултет, Министерството веќе има воспоставено партнерство и со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Преку овие соработки се создаваат услови студентите да добијат повеќе практични знаења, можности за истражувања и директно вклучување во развојни проекти.
Македонија
„СДС и Филипче повторно тргуваат со националните интереси, ново пазарење со Бугарија по моделот на францускиот предлог“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС и Филипче пак се пазарат со Бугарија, еднаш веќе подметнаа француски предлог, сега повторно се пазарат на штета на македонските интереси. СДС и Филипче повторно виткаат кичма пред Бугарија, и испраќаат сигнали до Софија дека се спремни да направат се, само да дојдат до власт и Филипче да си ја задржи фотелјата на Бихачка“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Филипче овој пат како параван за предавството, ја користат резолуцијата со „црвени линии“ на штета на македонските државни интереси.
Резолуцијата со црвени линии на СДС и Филипче не е патриотски чин за Македонија таа е маска позади која се преговара, пазари и дополнително се потчинува и понижува Македонија.
Филипче да каже на јавноста што договорил во четири очи со Бугарија?
Филипче да одговори на јавноста што ветил на Софија, за што се испазарил и која е цената што Македонија ќе ја плати?
Филипче да каже дали по стапките на неговиот ментор Заев сега тој ја превзема улогата да ја заврши работата што ја започнаа Бујар Османи и Заев за да ги распродаваат државните интереси?
Народот памети и нема да дозволи да биде изигран. Народот ги препознава игрите на СДС и Филипче за потчинување на Македонија и македонските позиции. Токму затоа СДС и Филипче на овие избори ќе доживеат огромен пораз.
Доколку Филипче е искрен во намерите тогаш би ги поддржал позициите на Владата а не да се пазари и да се обидува политички да профитира на штета на националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ останува да ги штити македонските национални интереси. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Македонија да биде понижена и уценувана. Време е да се направи Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Забрана за камиони на регионалниот пат Дебар – Маврово

Од 06:50 часот поради врнежи од снег, воведена е забрана за сообраќај на товарни моторни возила на регионалниот пат Дебар – Маврово, извести АМСМ.
Од 06:45 часот сообраќајот на патниот правец село Живалево – село Туралево е нормализиран.