Македонија
(Видео) Новиот министер за правда најави ветинг во судството
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, најави ветинг (проверка) во правосудството, иако вели дека е свесен оти тој процес нема да биде завршен само за неколку месеци.
„Ова подразбира проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување корупција. Судскиот совет, од своја страна, пак, во согласност со новите закони треба да направи детаљна проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети што беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично“, рече Маричиќ.
Тој истакна дека довербата на јавноста во правосудството е на загрижувачко ниско ниво.
Маричиќ најави и ревизија по случаен избор на 5 % од предметите од висок профил, на случаи што застариле да се утврди причината.
„Мојата мисија е и да предложам со законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предметите што ги следат граѓаните“, рече тој.
Понатаму, како што нагласи, ќе работи на унапредување на системот АКМИС и електронско поврзување на судовите со јавните обвинителства, задолжителна електронска комуникација со адвокатите, извршителите, нотарите, медијаторите, Агенцијата за катастар на недвижностите, Централниот регистар, Државното правобранителство и други субјекти.
„На врвот на листата на приоритетите е и успешен почеток и непречено спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права. Во моментот се договара преговарачката рамка и се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе ја имаме до крајот на годината“, рече Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

