Македонија
Арсовски: Отворените листи и една изборна единица се солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик
Отворените листи и една изборна единица претставуваат солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик, локалните избори да се одржат во еден изборен круг, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Во однос на предлозите на Маричиќ за една изборна единица и отворени листи, Арсовски вели дека СДСМ треба и официјално да соопштат дали тоа е нивниот конечен став, со оглед на тоа што во минатото повеќе работи биле договорени во таа насока, па потоа се предомислиле и го промениле мислењето.
„Сметаме дека отворените листи и една изборна единица претставуваат солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик, како и нашиот предлог локалните избори да се одржат во еден изборен круг со цел да се заштедат пари на граѓаните во период на тешка економска криза и да се заштеди време во кое ќе се спроведе изборниот процес. Исто така, бараме, еднаш засекогаш да се регулира гласањето на дијаспората“, рече Арсовски.
Говорејќи за судството, Арсовски истакна по 4 години власт, ниту еден случај за кои тие самите велеле дека е криминален нема добиено правна разрешница, но затоа има десетици други нови случаеви каде криминалот на власта е толериран.
Само последниот месец, додава Арсовски, пропадна „Еуростандард банка“, афера тешка 200 милиони евра, а парите отидоа во џебот на струмички фирми блиски до Заеви.
„Се случи и афера со панамски пари за бизнис-зделки помеѓу Зоран Заев и бизнисменот Дака Давидовиќ за нови 2.000 станови во Тетово, се случија нови седумнаесеткатници за развој на урбаната мафија во скопската населба Ѓорче Петров, се случи поскапата струја чиј профит се одлева во една струмичка компанија за обезбедување, или фактот што партиската маша на Зоран Заев, Марко Бислимоски, спротивно на закон е првиот човек на Регулаторната комисија“, додаде Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицаец кој го обезбедува Собранието возел без да има положено, одземено му е возилото
Полицаец, вработен во Одделението за обезбедување на Собрание, возел без да има положено. Против него е поднесена кривична пријава и одземено му е возилото.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Б., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Пријавениот А.Б., полициски службеник во Одделението за обезбедување на Собрание на РСМ, Сектор за обезбедување на објекти од државен интерес при Оддел за заштита на определени личности и објекти, на 12.02.2026 на ул.„11 Октомври“ во Скопје управувал негово лично патничко моторно возило „бмв“ без положен возачки испит, односно без возачка дозвола, а по наредба на јавен обвинител возилото е одземено“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против А.Б. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Македонија
Герасимовски: Инспекторите се на терен, санкции за сите што немаат одобрение за урбана опрема
Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Инспекциската служба на Општина Центар, спроведува интензивни теренски контроли за утврдување дали терасите, настрешниците, шанковите, перголите, параваните, застаклените конструкции и другата урбана опрема се поставени со важечко одобрение и согласно издадената документација.
За секоја утврдена неправилност, инспекторите согласно законските надлежности, ќе реагираат со поведување прекршочни постапки и изрекување соодветни санкции.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во повеќе наврати порача дека нема да има толеранција за бесправно узурпирање на јавниот простор.
„Нашите инспекциски служби се на терен. Соодветни казни ќе има за сите што немаат одобрение за поставување урбана опрема“, рече Герасимовски.
Македонија
Цвеќе во помен на Борис Трајковски – 22 години од авионската несреќа
Делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, членови на политички партии, семејството денес оддадоа почит во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 22 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.


„Борис Трајковски останува запаметен како претседател во време на тешки државни предизвици, човек кој со смиреност и одговорност ја водеше Македонија низ период на сериозни искушенија. Неговото делување беше насочено кон зачувување на мирот, стабилноста и меѓународниот углед на државата. Неговата политика на дијалог и единство претставува потсетник дека државничката зрелост, храброста и чувството за одговорност се темел на секоја стабилна и суверена држава. Денес, повеќе од две децении подоцна, останува обврската да се чува државата, да се гради единство и да се продолжи патот на стабилност и напредок“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Цвеќе положи и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.


„Пред 22 години, на овој ден, Македонија ја почувствува една од најтешките загуби во својата понова историја. Трагичната вест за падот на авионот со кој кон Мостар патуваше претседателот Борис Трајковски ја зави државата во тага. Заедно со него, животот го загубија и осуммина членови на делегацијата, луѓе посветени на службата кон татковината. Борис Трајковски беше повеќе од државник. Тој беше симбол на смиреност во тешки времиња, глас на разумот и човек што искрено веруваше во силата на единството. Со достоинство ја носеше функцијата претседател, но уште поголемо достоинство носеше во својата човечност. Веруваше во Македонија. Во нејзината иднина, во нејзините луѓе, во можноста да бидеме подобри и посилни заедно. Неговата визија за стабилна, демократска и европска држава останува патоказ и денес. Со почит и благодарност се сеќаваме на неговото дело и на неговата жртва“, порача Ѓоргиевски.
И партиска делегација на СДСМ, заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска, членовите на Извршниот одбор, Рената Младеновска и Александар Наумоски, денеска оддадоа почит во Алејата на великаните во Скопје.

„Трајковски беше проевропски претседател, државник кој посветено работеше за мир, соживот, за напредок и европска перспектива на нашата држава. Неговата политика беше политика на дијалог, на приближување, на отворање перспективи дома и надвор. Веруваше дека Македонија може и мора да биде дел од европското семејство, но пред сè стабилна и обединета држава во која различностите се богатство, а не поделба. Политиките на претседателот Борис Трајковски нè потсетуваат дека храброста, мудроста и одговорноста кон граѓаните се пример за лидерството“, велат од СДСМ.


Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.
Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.

