Култура
Утре завршува годинешниот „Скопје филм фестивал“
Со проекција на филмовите од програмите „Светски филм“ и „100-годишнина од раѓањето на Федерико Фелини“, утревечер завршува 23. издание на „Скопје филм фестивал“. Програмата ја затвараат британскиот филм „Фани Лај“ (2019) и култното ремек-дело на Фелини – „Осум и пол“ (1963).
„Фани Лај“ е третиот филм на сценаристот и режисер Томас Клеј, создаван десет години и снимен на 35 мм лента, кој е импресивен и моќен пример на независниот британски филм што ги изместува жанровите. Радикален и субверзивен при истражувањето на еден од најтурбулентните британски периоди, тој создава впечатлив, феминистички пуритански вестерн, фасцинантна и брутална, мрачно-смешна и необично хипнотична приказна од еден каллив период на Англија посветувајќи исклучително внимание на историските детали. Проекцијата почнува од 19 часот во летното кино на Кинотеката.
Филмот „Осум и пол“ има автобиографска нишка, а насловот го добил затоа што Фелини дотогаш имал снимено седум и пол филма: шест долгометражни, два кратки и еден во соработка со Алберто Латуада. Пред почетокот на снимањето Фелини, како и протагонистот во самиот филм, немал конечно сценарио. Во 1964 филмот имаше пет номинации за „Оскар“, а ги доби наградите за најдобар странски филм и костимографија. „Осум и пол“ се смета за еден од најважните филмови на Фелини, но и на светската кинематографија воопшто.
„Скопје филм фестивал“ за своето 23. издание донесе разновидна програма и содржини, во чии рамки понуди повеќе од дваесет играни и документарни филмови поделени во три програми: Панорама на светски филм, Денови на квир-кино и Ретроспективна програма на филмови од Федерико Фелини во соработка со Кинотеката на Северна Македонија.
Фестивалот во рамките на својата годинешна програма ја одбележа и стогодишнината од раѓањето на книжевникот, филмски сценарист и режисер Славко Јаневски.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер и уметник Зоран Кардула. Годинава, во галеријата на Кинотеката на С. Македонија меѓународно познатиот македонски уметник ги изложи своите верзии на 11 плакати од филмовите на Фелини.
Трета година по ред „Скопје филм фестивал“ ја реализира програмата Денови на квир-кино, која е дел од проектот „Млади артивисти за промена“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Оваа програма е дел од проектот Stichting art.1 и Меѓународниот квир и мигрантски филмски фестивал од Амстердам во соработка со „Скопје филм фестивал“. И оваа година филмовите од оваа програма предизвикаа голем интерес кај публиката.
Во рамките на оваа фестивалска програма од 9 до 13 септември се одржа филмска работилница со практична работа за основните филмски техники и камера, развивање на индивидуалните идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на 9 кратки филма. Предавачи и обучувачи на оваа работилница беа професионалци од филмската индустрија од Холандија и Македонија.
Во фоајето на Кинотеката како дел од програмата Денови на квир-кино беше отворена и изложбата на дела што произлегоа од работилницата за артивизам.
Поради здравствените услови, првпат во своето постоење Скопскиот филмски фестивал целосно се одржа на отворено во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, а сите проекции беа бесплатни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.

