Македонија
Средба на министерката за труд и социјална политика и директорите на центрите за социјална работа

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска оствари средба со директорите на центрите за социјална работа на ниво на држава, на која се разговараше за потребите и предизвиците со кои тие се соочуваат и нивното понатамошно успешно решавање и надминување.
Министерката Шахпаска во разговор со присутните директори посочи дека достапноста, одговорноста, отчетноста и ефикасноста се принципите врз кои треба да функционираат сите фактори во општествениот систем за тој да функционира, со посебен акцент на лицата што се одговорни за решавање на социјалните предизвици, како што се центрите за социјална работа.
На средбата се разговараше на повеќе теми што се опфатени во делокругот на работењето на центрите за социјална работа. Старателството, водењето случај и неговата имплементација, подготвеноста на дневните центри за лица со попреченост за повторно нивно отворање, состојбата со капацитет на згрижувачки семејства и мали групни домови, како и интегрирање на социјалните случаи како активни учесници во пазарот на трудот.
На средбата се разговараше и за функционирањето на шелтер-центрите, особено за порастот на семејното насилство изминатиов период, каде што најголем број жртви се старите лица.
„Со поголемото интегрирање на социјалните случаи како активни учесници на пазарот на трудот и нивно извлекување од сиромаштија, покрај тоа што го намалуваме бројот на корисници на социјална помош, им помагаме на овие лица активно да се вклучат во општеството и самостојно да функционираат, што претставува дел од социјалната реформа“, истакна министерката Шахпаска.
Таа повика на поголема вклученост во идејни решенија и реализација на проекти од страна на центрите, а во соработка со oпштините, за адаптација, реконструкција и градење домови, градинки, центри и слично, односно поголем обем на капитални инвестиции. Заеднички беше заклучокот дека соработката и поддршката продолжуваат и понатаму за да се создаде општество што се грижи за оние на кои им е тоа потребно, со акцент на најранливите категории граѓани, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Арсовска го прозва Стојкоски: Аценце, ти направив 27 улици, ни фала не кажа и уште бегаш од дуел за хемиските фабрики

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот профил на Фејсбук му се обрати на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, со серија критики за неговото однесување и, како што тврди, неспособност да го признае придонесот на Град Скопје во реализацијата на инфраструктурни проекти.
„Ова е објава за читање за сите интелигентни и слободоумни граѓани, другите не читајте!“ – започнува Арсовска во својот пост, порачувајќи му директно на Стојкоски:
„Аценце, ти се обраќам да се потсетиш, како неспособната што спиела 3 години ти направи 27 улици во 5 населени места во Ѓорче Петров“.
Таа додава дека улиците биле изградени преку Јавното претпријатие „Улици и патишта Скопје“, без учество на општински средства, а Стојкоски само се појавил за да се слика, без притоа, како што вели, ни да се заблагодари.
„Ти ги направивме со скопското јавно претпријатие ‘Улици и патишта Скопје’, ти освен што се сликаше, не потроши ни денар, а не се ни заблагодари“, напиша Арсовска.
Во објавата, Арсовска повторно го повикува Стојкоски на ТВ дуел во врска со деталниот урбанистички план кој, според неа, овозможува изградба на хемиски фабрики и 31 висококатница во централното градско подрачје на Ѓорче Петров.
„Уште чекам да прифатиш ТВ дуел за ДУП-от кој го донесе за да се изградат хемиските фабрики и 31 висококатници сред Ѓорче Петров. Тоа што плаќате медиуми и партиски ботови да ве фалат, а другите да ги понижуваат, не значи дека сте во право!“, заврши градоначалничката.
Македонија
Има предлог за средба со Бугарија, треба Софија да се изјасни, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека е во тек комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во земјава околу иницијативата за средба со бугарската страна, и дека веќе постои предлог-термин, за кој сè уште се чека потврда од официјална Софија.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија и вчера и денес, се уште немам повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“, рече Мицкоски на новинарско прашање дали стапил во контакт со претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта и дали Бугарија ќе прифати ваква средба.
Паралелно со ова, претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера изјави дека иако вообичаено се одржуваат средби со хомолозите, таа нема проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг. Таа појасни дека нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев, нема да присуствува на Самитот, што отвора можност за разговор со Жељазков во насока на деблокирање на евроинтеграциите на Македонија.
„Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме, јас не знам, ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем, меѓутоа не зависи од мене туку зависи од нашите соседи“, рече Сиљановска Давкова.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ грубо ја злоупотребува трагедијата во Кочани за политички поени

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на обвинувањата од страна на СДСМ во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани, при што загинаа деца, обвинувајќи ја партијата дека прави „груба злоупотреба“ на трагедијата со цел собирање политички поени.
„СДС прави груба злоупотреба на трагедијата во Кочани со цел да добие политички поен плус. Обвинувањата на СДС дека институциите постапуваат под притисок на опозицијата се безочна лага,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Од партијата нагласуваат дека институциите сега постапуваат професионално и неселективно, и дека во истрагата се опфатени над 60 лица, меѓу кои актуелни и поранешни функционери, градоначалници, бизнисмени, вработени во институции и членови на Министерството за внатрешни работи, а дел од нив се веќе во притвор.
„МВР и институциите на системот ги доставија сите потребни докази и информации до Јавното обвинителство уште пред еден месец. Обемната документација, со над 60 опфатени лица, е доказ за темелна и сеопфатна постапка“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека постапувањето на институциите денес е спротивно на тоа што, според нив, се случувало во минатото за време на владеењето на СДСМ и Оливер Спасовски.
„Сега има одговорност за секој, без разлика кој е и од каде е. За разлика од МВР под Спасовски, каде што никој не одговараше за модуларната болница, Беса Транс или Ласкарци – случаи каде што имаше голем број жртви“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.