Македонија
(Видео) Заев на средба со грчката претседателка: Подготвени сме за интензивирање на соработката во согласност со договорот од Преспа
Премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Грција, денеска оствари средба со претседателката на Република Грција, Катерина Сакеларопулу. Заев се заблагодари за можноста да се сретне со претседателката Сакеларопулу како уште една афирмација и придонес за подобрување на односите и градење доверба меѓу Северна Македонија и Грција како пример за добрососедски односи во регионот.
За време на разговорот, на кој присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, беше оценето дека договорот од Преспа, освен решение на тридецениското отворено прашање меѓу двете соседни земји, создаде сојуз и партнерство и денеска Грција е силен поддржувач на Република Северна Македонија во нејзиниот процес за интеграција во ЕУ.

Премиерот Заев изрази увереност дека Грција ќе биде еден од главните лобисти за успешен почеток на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство со Советот на ЕУ, со која ќе почне процесот на преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Блиската соработка со Грција беше од клучна важност и за членството на Северна Македонија и како сојузник во алијансата, Грција сега е задолжена за чување на небото над нашата земја.
Премиерот Заев и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, разговараа и за потенцијалите за проширување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, која треба да биде поттикната и од вториот состанок на Советот за соработка на ниво на влади во Атина, на кој ќе се разговара за натамошното имплементирање на акцискиот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Република Грција и Северна Македонија, како што е предвидено во договорот од Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за Кочани
Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“ објави претседателот на СДСМ, Венко Филипче повикувајќи ги сите пратеници да ги поддржат.
„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања.
На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија.
Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание.“ стои во објавата.
Македонија
Минчев во Рим: усвоена новата декларација за реформи на јавната администрација во Западен Балкан
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 17. седница на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, која се одржа во рамките на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим, Италија.
На седницата беа презентирани и усвоени Годишниот извештај за периодот од 19 октомври 2024 до 19 октомври 2025, кој ги акцентира постигнувањата во реформите на јавната администрација, како и Буџетот за 2026–2027 година, кој обезбедува континуитет во активностите и поддршката за земјите од регионот.
Изгласана беше и Министерската декларација за реформа на јавната администрација, која потврдува заложбата за регионална соработка.
Оваа година декларацијата се фокусира на модернизација, дигитализација и унапредување на соработката со земјите членки на ЕУ.
Седницата заврши со предавање на претседателството на Управниот одбор на ReSPA беше свечено од министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, на министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
Во рамките на оваа значајна регионална иницијатива, министерот Минчев со своето учество повторно ја потврди континуираната поддршка на Република Македонија за унапредување на реформите во јавната администрација, зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во европските административни стандарди.
Македонија
Два авиони наместо во Скопје пренасочени во Приштина поради силен ветер
Два вечерни лета кои требаше да слетаат на скопскиот аеродром, се пренасочени кон Приштина поради неповолни услови за слетување.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во скопскиот регион дува силен јужен ветер, кој создава проблеми за безбедно слетување:
„Поради силен јужен ветер, кој го зафати скопскиот регион, два авиони се пренасочени за слетување кон приштинскиот аеродром, додека други два сè уште кружат и чекаат насоки за слетување“, рече Ангелов.
Според информациите, ветерот дува на поголема височина, што дополнително ги отежнува процедурите за приод и слетување на скопскиот аеродром.

