Македонија
Албанскиот министер за надворешни работи во посета на Македонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе оствари билатерална средба со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
„Главни теми на средбата се очекува да бидат соработката меѓу Северна Македонија и Албанија во остварувањето на заедничките стратешки цели за членство во Европската Унија, состојбата со билатералните односи и можностите за понатамошната соработка и нивно унапредување, соработката во НАТО, состојбите со актуелната глобална здравствена криза и други прашања од заеднички интерес и значајни за нашиот регион“, соопшти МНР.
За време на официјалната посета, министерот Цакај ќе биде примен и од претседателот на Собранието, премиерот и од други високи претставници на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“: ДУИ го уништи образованието, ревизијата потврди

Државниот завод за ревизија го отвори досието на Бирото за развој на образованието и таму – слика што веќе никого не изненадува: хаос, незаконско работење, злоупотреба на буџетот и политичка партизација до срж, велат од „Влен“.
Ревизорите потврдија оти Зеќирија Хасипи, поставен од Министерството за образование под раководство на кадарот на ДУИ – Јетон Шаќири, останал на директорската функција повеќе од 5 години. Без конкурс, без транспарентност, без срам, додава „Влен“.
„Што покажа извештајот за 2023 година?
Бирото било водено од две лица без регуларен мандат – спротивно на Законот! Надоместоците за надворешни соработници се исплаќале без јасни критериуми! Немало средства за обуки на наставниците, но секогаш имало пари за партиски вработувања! Од седумте препораки од последниот ревизорски извештај – реализирани се само две.
Останатите? Заборавени – исто како и учениците и нивната иднина.
Кадрите на ДУИ не беа само партиски поставени функционери – тие станаа симбол на криминализирана држава, на образовен систем претворен во партиски штаб. Таму не се броеја наставни програми, туку гласови. Не се инвестираше во деца, туку во клиентелизам.
Албанците добро се сеќаваат – на срамните преводи на албански јазик од проектот „1000 книги“ на Груевски, на децата во Велес што останаа без настава на мајчин јазик. Политиката на ДУИ е јасна – да ги користи Албанците како штит за своите криминалии.
И сега кога се опозиција, кога јавноста секојдневно се информира за нивните гревови, ДУИ не покажува демократски капацитет за соочување со одговорност, туку бара излез во обиди за предизвикување политичка криза. Нивната уцена ќе биде – ќе ги бојкотираме локалните ако нема и предвремени парламентарни избори. И тоа нема врска со нивните лажни тези дека Албанските права се загрозени, туку исклучиво со нивните теснопартиски интереси.
Се надеваат дека Пржинска Влада, со МВР под контрола на опозицијата, ќе им овозможи да уништат докази за коруптивните зделки на нивните поранешни функционери“, се додава во соопштението на „Влен“.
Македонија
Реализирана донација од 4 милиони денари за Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје од обложувачниците „Спорт лајф“

Денеска, беше претставен комплетно реновираниот и опремен оддел за висцерална и абдоминална хирургија, на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, во вредност од околу 4 милиони денари – донација на компанијата Спорт Лаиф обложувалници.
Проектот започна во 2024 година и опфати целосна обнова на внатрешноста и модернизација на електричните и санитарните инсталации на одделот. Оваа година, Спорт Лаиф обезбеди дополнителни средства за опремување на истиот простор со 24 нови двомоторни медицински кревети со огради, нови душеци, нов болнички мебел и стативи за инфузија. Согласно потребите на болницата беа обезбедени и 50 декубитални душеци, 100 лепенки, 10 апарати за мерење притисок и 20 апарати за мерење на гликемија.
„Покрај реновирањето на холот, на собите на пациентите и на болничкиот персонал, решивме да направиме дополнителни напори просторот да го опремиме и со нов медицински мебел, кој ќе создаде подобри услови за постоперативните пациенти. Сметаме дека тоа беше неопходно за оваа водечка институција за хируршки болести која има огромна традиција и централна улога во нашето здравство. Како општествено одговорна компанија, тука сме да го дадеме својот придонес за развој на општеството, и за поддршка на хуманите цели“, изјави Петар Поцков, маркетинг директор на Спорт Лаиф.
„Со оваа интервенција, капацитетот на одделот за постоперативна нега на пациентите, на површина од скоро 400 м2 е целосно обновен и опремен за прием и лекување на пациенти од одделот за висцерална и абдоминална хирургија. Опремените простории со нов и модерен медицински мебел и опрема, ќе овозможат подобрени болнички услови за нивна нега и лекување. Нашата клиника е меѓу институциите со долг историјат и традиција и проектите за реновирање и подобрување на условите за лекување по повисоки стандарди се добредојдени и во иднина. Во име на целиот персонал, ја изразуваме нашата благодарност кон Спорт Лаиф за оваа значајна поддршка и се надеваме дека ќе биде пример и за другите општествено одговорни компании“ – изјави д-р Небојша Настов, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Спорт Лаиф обложувалници остануваат посветени на својата мисија за поддршка и реализација на проекти во областите на здравството, спортот и други општествени и хуманитарни цели.
(ПР)
Македонија
(Видео) СДСМ: Целиот систем се распаѓа додека ДПМНЕ, ЗНАМ и „Влен“ меѓусебно се расправаат

Уште не е помината првата година од мандатот на новата Влада, веќе на граѓаните има стана јасно, Владата на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН се најлошата и најнефункционалната Влада која сме ја имале. Додека целиот систем бувално се распаѓа, тие ја трујат јавноста со внатрекоалициски расправии. Наместо да сработат нешто од програмата, медиумите се полни со нивните партиски несогласувања, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно е дека покрај тоа што не се способни да ја водат државата, не се способни ниту да се договорат во Владата како да си ги поделат тендерите, па затоа се расправаат. Луѓето гледаат како власта се кара самата со себе, додека државата тоне.
Нема институција што функционира. Во здравството – хаос, економијата тоне, реализација на проекти нула, плати стагнираат а и оние постоечките не се исплаќаат. Во ваков целосен хаос државата никогаш не била.
Немаме ниедна мерка за помош ниту проекти насочени кон граѓаните. А каде одат парите? За манго, папаја и шетање по белиот свет на владини делегации од по 60 луѓе. За приватни авио-летови, за сметки по луксузни хотели а за граѓаните? Евтин ПР и коалициски расправии, ништо друго.
Им порачуваме, грејс периодот одамна ви помина. Одамна граѓаните чекаат нешто конкретно што ќе се сработи во нивни интерес. Фактот што единствено се бавите сами со себе јасно потврдува дека оваа Влада е целосно неспособна. Тоа се гледа јасно и од авион. Освен кој колку земал, како се поделени фунцкиите, како пропаднале тендерите за паркингот на Клинички и слично, друго немате ништо понудено“, рече Кузеска.