Македонија
Владата: Потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна

Обезбедена е целосна грижа и доволно места за децата во градинките, единствен логичен чекор е родителите да се вратат на своите работни места, велат од Владата во врска со реакциите на некои од родителите што досега ја користеа мерката продолжено породилно отсуство. Од таму велат дека градинките се отворени и имаат доволно капацитет, па од тие причини потребата на родителите да не одат на работа според Владата е беспредметна.
Од Владата велат дека одлуката сите родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес, да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември, е донесена по претходна анализа и консултација со Комисијата за заразни болести.
„Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата во согласност со протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот Ковид-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата. Таа мерка изминатиов период беше во сила затоа што јавните установи за згрижување деца, односно градинките, не работеа“, велат од Владата.
Дополнително, велат од таму, донесена е и одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на 12 деца во група, со што, велат од Владата, јавните установи за згрижување деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките што досега користеле продолжено породилно отсуство.
Онаму каде што ќе се појави потреба од дополнителен простор и кадар за згрижување деца, Владата им препорача на општините да обезбедат соодветно решение.
Анализите покажуваат дека во согласност со мерките предвидени во протоколот градинките во државата имаат капацитет да примат 19.000 деца, а интерес досега покажале родители на 14.555 деца.
Според информациите од надлежното Министерство за труд и социјална политика, некои од родителите што веќе ги пријавиле децата изминатиов период не ги носеле во градинка.
Затоа, Министерството за труд и социјална политика доставило допис до градинките да утврдат дали овие деца ќе престојуваат во градинките.
„Владата внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од потребата ќе носи одлуки што се во интерес на граѓаните и државата“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеско: ДПМНЕ не направи ништо за Велес, време е да им го вратиме градот на граѓаните

Кандидатката за Градоначалничка Маја Хеско, од трибината во Велес, ја презентираше својата програма , со која вели дека Велес повторно ќе стане град каков што заслужуваат жителите, спротивно на она што денес е реалната слика на градот.
„Велес е запоставен и заборавен од централната власт, поминува низ тешка криза и веќе сериозно заостанува во развојот во споредба со околните општини како Штип и Кавадарци, иако некогаш беше далеку пред нив. Запуштен, заборавен, нечист, со сообраќаен хаос, загадена животна средина, со запуштени паркови и со градоначалник кој го шминка само централното градско подрачје, а ги запоставува останатите делови од градот и селата“, рече Хеско.
Таа потенцираше дека сегашниот градоначалник за четири години не асфалтираше ниедна педа од улиците во индустриските зони, не направи ниту еден метар водоводни и канализациски мрежи, а проекти кои ги наследи со обезбедени европски средства не успеа да ги заврши до крајот на мандатот.
„Оваа власт лажеше и не направи ништо. Велес назадува, младите ни бегаат, градот се гуши во загадување, а селата се напуштаат. Граѓаните не смеат да ја повторат истата грешка како на парламентарните избори, кога дозволија разни неранимајковци, кои ги делат граѓаните на патриоти и предавници, да ги прелажат со лажен патриотизам и евтин популизам“, порача Хеско.
Против овој тренд на занемареност, пропаѓање и манипулации од власта, Хеско ја претстави својата визија и план за Велес.
„Имам конкретен план и програма, кои се амбициозни, но со макотрпна и чесна работа се остварливи. Ќе работам со висок интегритет, чесно и одговорно, за сите граѓани, без поделби.“
Во програмата на Хеско за градот се вклучени крупни и долгорочни проекти, како изградба на нова комунална инфраструктура, инвестиции во образованието, грижа за старите лица, дигитализација на општинските услуги, воведување јавен превоз со еколошки возила, реконструкција на спортските објекти, спас на езерото Младост, инфраструктурна револуција со мостови, заобиколници и урбано ширење на градот.
Таа истакна дека ќе биде Градоначалничка на сите граѓани, без разлика дали гласале за неа или не, без поделби по партиска, етничка, религиска или социјална припадност.
„Да се бориме за нашиот дом. Заедно до победа. Заедно, до првата жена Градоначалник на Велес“, порача Маја Хеско.
Македонија
Филипче од Велес: Борбата на СДСМ е за достоинствен живот на работниците, на младите и пензионерите

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на граѓанската трибина во Велес, испрати силна порака дека борбата која ја води СДСМ не е само политичка, туку човечка, врз социјалдемократските вредности за достоинството на секој човек што живее од својата плата, за младите што ја гледаат својата иднина дома, и за пензионерите што заслужуваат сигурна старост.
„Да биде јасно: оваа борба не е само за СДСМ. Ова е борба за достоинството на секој човек што живее од својата плата. Ова е борба за работничката класа, за младите што не сакаат да заминат, за пензионерите што не треба да бројат денови до следната пензија,“ истакна Филипче.
Тој нагласи дека сега е вистинскиот момент граѓаните повторно да се обединат и да ја изградат силата што ќе ја врати државата во рацете на народот.
„Да ја вратиме надежта дека во Македонија може да се живее чесно, со труд, со работа што се цени. СДСМ е движење за слобода, за правда и за еднаквост,“ рече лидерот на СДСМ.
Филипче додаде дека СДСМ е партија која секогаш била со народот и дека без СДСМ нема борба и нема слобода.
„Без вас нема СДСМ, без вас нема борба, нема слобода. Затоа, токму од Велес да испратиме порака: се бориме за нашите луѓе. Се бориме за нашите плати. Се бориме за нашата иднина,“ потенцираше Филипче.
Тој нагласи дека 19 октомври ќе биде ден кога граѓаните ќе покажат дека не се плашат и ќе испратат јасна порака дека знаат кој работи, а кој лажи и манипулира.
„Да покажеме дека Велес е социјалдемократски град – град на трудот, чесноста и солидарноста,“ порача Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, која се одржа вечерва во Велес.
Македонија
Филипче од Велес: СДСМ имаше пет иницијативи за раст на платите, ВМРО-ДПМНЕ ги одби сите

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ што се одржа во Велес, истакна дека за година и пол Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа тотална незаинтересираност за граѓаните, за мерки за подобрување на животниот стандард.
„Помина година и пол од оваа власт. Период во кој имавме сите доволно време да видиме со кој си имаме работа и кои политики ги носи оваа власт. Доволно време да сфатиме дека имаме ненародна, арогантна, но пред сè власт без чувство за потребите на луѓето. Ова е реалноста,“ порача Филипче.
На граѓанската трибина Филипче кажа дека СДСМ и како опозиција, исто како и додека беше на власт ги има истите политики кон граѓаните – поддршка за граѓаните, покачени плати и реална политика за подобрување на стандардот и имаше реално добри закони со кои се олеснуваше секојдневнието.
„СДСМ цела година нуди решение – минимална плата од 500 евра! Не популистички, туку со јасна методологија, со модел што веќе докажа дека функционира, ние покажавме дека државата може да расте и кога има кризи, ако има грижа за граѓанинот,“ истакна Филипче од Велес, и додаде дека земјите од регионот како Албанија веќе ја покачува минималната плата на 520 евра, во Србија минималната плата расте секоја година.
Во обраќањето, Филипче ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека ги одби сите предлози на СДСМ што се во интерес на работниците.
„Имаше реални добри закони со кои се олеснуваше секојдневнието. Имаше пет иницијативи за покачување на платите, како минималната така и просечната во приватниот сектор. Што направи Владата на ВМРО-ДПМНЕ? Ги одби сите иницијативи. Предложивме мерка и за компаниите да ги субвенционираат придонесите за да не биде терет на компаниите, а сепак да има раст на платите. И тоа го одбија “, нагласи Филипче.