Македонија
Средба Шахпаска – Бенгтсон: Шведска е голем поддржувач на земјава на нејзиниот пат кон ЕУ
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, оствари средба со шведската амбасадорка во нашата земја, Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која беа потврдени добрите меѓудржавни односи, поддршката која Шведска ѝ ја дава на нашата држава и соработката на повеќе полиња значајни за градење на едно современо и модерно општество кон кое се стремиме, соочено со предизвиците кои ги носи новото време.
„Голема чест ми претставува да бидам дел од Владата која посветено работи на остварување на нашите стратешки цели како држава и ги преточува во реалност. Станавме членка на НАТО и нашата следна цел е и да бидеме дел од европското семејство, членка на Европската Унија. Беше навистина голем предизвик да се биде дел од Парламентот кој донесе значајни и историски одлуки, кои, пак, значат просперитет на нашата држава и обебедуваат подобар животен стандард за сите граѓани“, истакна Шахпаска.
На средбата се разговараше и за предизвиците со кои се соочуваме како држава изминатиот период, во време кога целиот свет е исправен пред предизвикот од корона-пандемијата, носењето на економските пакети кои беа насочени за помош на компаниите, граѓаните, а особено оние на кои помошта им беше најпотребна, а тоа се ранливите категории граѓани. Таа додаде дека се подготвува уште еден дополнителен пакет економски мерки, кои ќе помогнат во справувањето со состојбата која ја донесе корона-кризата.
Амбасадорката на Шведска посочи дека силно ја поддржува Република Северна Македонија кон нејзината интеграција во Европската Унија и изрази задоволство во однос на напредокот кој го постигна земјава за релативно краток период. Воедно истакна дека Шведска останува да биде голем поддржувач на земјава и останува отворена за соработка на повеќе полиња, споделување на досегашното искуство и преточување во реални проекти и мерки прилагодени на нашето општество.
Двете соговорнички се согласија на продлабочена соработка и во иднина, каде и понатаму приоритети ќе бидат демократијата и владеењето на правото, животната средина, безбедноста и пазарната економија, со значително повисок степен на интеграција, поради очекуваното отворање на поглавјата во пристапните преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

