Македонија
Шахпаска и Филипче на средба со родителите: Градинките имаат капацитет да се грижат за децата

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и министерот за здравство, Венко Филипче, вечерва во Владата остварија средба со дел од родителите кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство, а кои реагираа на одлуката на Владата на 23 септември 2020 година сите родители од 0 до 6 години да се вратат на своите работни места, поради тоа што градинките стартуваа со работа на 9 септември.
Двајцата министри им пренесоа дека одлуката е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките, во консултација со Комисијата за заразни болести, како и врз основа на информациите дека во јавните установи за згрижување и воспитување на децата целосно се почитува Протоколот за активности во установите, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на Ковид-19. Оттука логично е после отворањето на градинките, родителите да се вратат на работниот процес.
Претставничките на дел од родителите информираа дека стравуваат за здравјето на нивните деца и затоа сакаат да го одложат тргнувањето на нивните деца во градинка до почетокот на идната година, но и дека им треба подолг период на адаптација.
Министерот за здравство, Филипче, нагласи дека сите предвидени протоколи, вклучително и тој за работа на градинките, се дефинирани според строги епидемиолошки правила и се целосно медицински издржани.
„Имаме целосно разбирање за вашата грижа. Затоа внимателно пристапуваме кон секоја одлука и од тие причини шест месеци го продолжувавме породилното отсуство. Но, како и во сите држави во светот, мора полека да се враќаме во нормала и затоа внимателно, преземајќи ги сите превентивни мерки, градинките ги отворивме и создадовме услови родителите да се вратат на работниот процес“, рече министерот Филипче.
Од друга страна министерката Шахпаска информираше дека во градинките, според информациите од терен има доволно простор за приоритетните групи, односно за децата на самохраните мајки и за семејствата во кои двајцата родители работат.
„Градинките имаат капацитет за безбедна и целосна грижа на сите деца. Според Протоколот, предвидовме приоритет за оние семејства на самохрани родители и двајца вработени, на кои тоа навистина им е неопходно. Градинките имаат капацитет од 19.000 места, а како приоритетни пријавени се 14.555 деца. Тоа значи дека бројката од самиот почеток не беше целосно исполнета, а имавме и случаи кога децата не престојуваа во градинка, а беа пријавени како приоритетни“, нагласи Шахпаска.
Таа дополнително информираше дека по одлуката на Комисијата за заразни болести да се зголеми капацитетот на групите од 0 до 2 години од шест на 12 деца, дополнително е зголемен капацитетот за прием на деца.
Во однос на забелешката на претставничките на мајките дека враќањето во работниот процес ќе биде проблем и за родителите на децата од 6 до 10 години, министерот Филипче нагласи дека мерката за нив е укината уште од 7 јули 2020 година и оттогаш тие се на работа.
Министрите Шахпаска и Филипче им најавија на претставниците на дел од родителите дека нивните забелешки ќе бидат пренесени на Владата. На крајот тие нагласија дека Владата внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од развојот на ситуацијата одлуките ги носи единствено во интерес на граѓаните и на нивното здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Милионските вмровски шеми во Еразмус+ мора да бидат расчистени и да следи одговорност

„Скандалот со вмровските шеми во Еразмус+ вреден милиони евра мора целосно да биде расчистен од страна на Обвинителството и да следи одговорност“, велат од СДСМ.
„Владата назначи лице под активна истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) за в.д. директор на Националната агенција.
Тоа јасно ја покажува намерата на власта да ги штити партиските и бизнис интереси по секоја цена, да се обиде да влијае на случајот којшто е во Јавното обвинителство откако ОЛАФ го достави изветајот со сите наоди.
Официјалниот извештај на ОЛАФ од 2023 година наведува постоење на основан сомнеж за злоупотреба на над 2,2 милиони евра европски пари во период на владата на Груевски, почнувајќи од 2016 година.
Владата веднаш треба да ја разреши Ана Михајлов а Јавното обвинителство без одлагање да постапи по наодите на ОЛАФ.
За злоупотреби нема место во образованието. Одговорност мора да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Спортот ја развива кондицијата, дисциплината и спортскиот дух, децата спортуваа со Кокан Ајановски

Вчера, околу триесет деца, придружени од нивните родители, учествуваа на спортската дружба со македонскиот атлетичар Кокан Ајановски. На настанот, дел од проектот „На одмор сум, во Центар сум“, децата од Центар имаа шанса да учат за атлетиката како спортска дисциплина, да трчаат и да се забавуваат покрај Кејот на Вардар, извести општина Центар.
Родителите ја поздравија активноста што ја организираше Општина Центар, која ги поттикнува центарските деца да бидат активни и да го поминуваат летото на креативен и здрав начин. Атлетиката и трчањето, како основни спортови, не само што помагаат за физичката кондиција, туку ја развиваат и самодовербата, дисциплината и тимскиот дух, што е клучно за развојот на младите, велат од Општината.
„Со овие активности се обидуваме да понудиме нешто повеќе за нашите млади центарци. Спортот е најдобриот начин да растат активни и здрави, а ваквите настани се важен дел од нивниот развој. Се радувам што имавме одлично присуство и енергија. Ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите активности и во иднина. Благодарност до нашиот Кокан Ајановски и Паблишер за соработката, на дечињата им приредивме убава спортска дружба“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Проектот „На одмор сум, во Центар сум“ продолжува со нови активности овој месец со културни и рекреативни содржини за децата кои го поминуваат летото во Центар, во Скопје.
Македонија
Обезбедени 170 милиони денари субвенции за инвертер клими за ранливите категории, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува и докажува вистинска грижа за сите категории на граѓани. Таа грижа посебно се истакнува кај граѓаните од ранливите категории. Секој македонски граѓанин заслужува еднаков третман од државата и покомотни и достоинствени услови за живеење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Врз основа на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, објавен е оглас за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија.
Огласот предвидува субвенции за инвертер клима уреди за граѓани од ранливи категории кој ќе трае 60 дена и за таа цел од Владата се обезбедени 170 милиони денари.
Станува збор за клима уреди од класата А+ со инсталирана моќност од 3,5 киловати, кој ќе биде вграден директно во домот.
Нема веќе принцип „прв дојден-прв услужен“, клима уредите ќе се набавуваат преку јавна и транспарентна тендерска постапка и истите ќе се поделат според месечните приходи на домаќинствата, од најниски до највисоки се до исцрпување на средствата.
Тоа е гаранција дека уредите ќе ги добијат оние на кои им се најнеопходни и на овој начин ќе се придонесеме семејствата од ранливите категории да имаат поголем комфор во својот дом како во летото, така и во зимата.
А, од друга страна, со оваа мерка се интервенира и во делот на заштитата на животната средина и намалување на загадувањето, посебно во периодот на грејната сезона кога граѓаните ги затоплуваат своите домови.
Освен субвенциите за инвертер клими, за ранливите категории Владата обезбеди и финансиска поддршка за потрошена електрична енергија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.