Регион
Балканот се подготвува за исклучително редок метеоролошки феномен
Грција почна со подготовки за редок вид бура, медитеранскиот ураган познат како медиган.
Според хрватскиот „Јутарњи лист“, се очекува невремето најпрвин да ги зафати западните јонски острови, а потоа и полуостровот Пелопонез, а во опасност е и Атина.
Грчките власти предупредија дека бурата Јанос ќе биде придружена со силен ветер и дожд, што може да доведе до поплави и прекин на електричната енергија во следните два дена.
Министерот за цивилна заштита, Никос Хардалијас, во четвртокот ги советуваше жителите на областите поплавени во минатото и оние што живеат во близина на реките да најдат алтернативно сместување, а другите да го ограничат патувањето.
„Влијанието на Јанош, мора да бидеме јасни, ќе биде слично на другите бури, но посилно според интензитет, опсег и времетраење“, рече тој.
Ваквите циклони првпат се појавија во Грција во 1995 година, но се почести последниве години, рече Хардалијас.
Слична бура последен пат ја погоди Грција во 2018 година, 25 лица загинаа во поплавите една година порано, а стотици останаа без покрив над главата.
Таквите бури се познати како медиган, што е комбинација на зборовите Медитеран и ураган.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.
Регион
Српскиот патријарх: Го губиме националниот идентитет, тоа е загрижувачко
Да ги надминеме поделбите и да си подадеме рака еден на друг, порача поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, во својата божиќна порака, оценувајќи дека „за внатрешните политички тензии и поделби во Србија сведочи целиот српски народ, каде и да се наоѓа“.
„Внатрешните политички тензии доведоа до длабока поделба во општеството и недоверба меѓу луѓето, а разликите во мислењата сè повеќе се развиваат во ирационална омраза“, истакна српскиот патријарх и повика на надминување на поделбите.
„Да си подадеме рака еден на друг, бидејќи сме неопходни еден на друг“, нагласи Порфириј, оценувајќи дека ситуацијата во Србија е сложена и тешка.
Поглаварот на СПЦ го гледа како „особено загрижувачки“ „губењето на националниот и културниот идентитет, што го доведува во прашање континуитетот на историското и духовното саморазбирање на нашиот народ, а во исто време не може да се објасни само со надворешни влијанија“.
„Заедно со тоа доаѓа економската несигурност и демографскиот пад: Србија се соочува со многу негативен природен прираст и, следствено, со еден од најбрзите депопулации во светот, како и со сè поизразено стареење на населението“, рече патријархот.
Нагласувајќи дека Божиќ е празник на мирот, Порфириј рече дека денес „човештвото има потреба повеќе од кога било да се врати кон тој извор на мир кој не е наметнат со сила, туку се открива во понизност и љубов“ во „однос што гради доверба, заедништво и почит кон секое човечко суштество“.

