Македонија
Осум лица починаа од коронавирус, потврдени 144 нови случаи
Во последните 24 часа осум лица починаа, а потврдени се 144 нови случаи на коронавирус од 1.545 теста, соопшти Министерството за здравство.
Најголем број случаи се потврдени во Скопје – 27, Струмица – 15, Прилеп и Тетово по 13 и во Куманово – 11.
Во Дебар – 3, Штип – 5, Велес – 4, Битола – 5, Охрид – 2, Кавадарци – 1, Гостивар – 8, Гевгелија – 2, Крива Паланка – 1, Радовиш – 8, Крушево – 2, Кочани – 13, Македонски Брод – 1, Берово – 2, Виница – 1, Делчево – 3, Кичево – 2, Ресен – 2.
Денеска, Институтот за јавно здравје регистрира 97 оздравени пациенти, и тоа од: Скопје – 22, Куманово – 33, Штип – 2, Прилеп – 7, Тетово – 2, Струга – 1, Битола – 4, Гостивар – 1, Гевгелија – 1, Струмица – 1, Крива Паланка – 3, Радовиш – 1, Крушево – 1, Кочани – 4, Македонски Брод – 1, Берово – 2, Виница – 1, Делчево – 5, Свети Николе – 2, Кичево – 3.
Починати се 8 лица, еден пациент од Куманово (48), еден од Штип (65), двајца пациенти од Прилеп (62 и 83), еден од Тетово (69), еден од Струмица (39), еден од Виница (63) и еден пациент од Кичево (56).
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16.417, бројката на оздравени пациенти е 13.732, на починати е 683, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.002.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АРМ во Охрид ќе реализира показна вежба: ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти
Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните на Охрид дека утре во периодот од 10.00 до 12.00 часот во водите на Охридското езеро во близина на центарот за обука на вода во Охрид, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ ќе реализираат показна вежба – препад на пловен објект.
За време на вежбата ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема што ја користи Армијата.
СВР Охрид, ги известува граѓаните дека, во врска со оваа активност, денеска во периодот од 13 до 15 часот, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ, на истиот простор ќе изведат подготвителни активности со цел, успешна реализација на утрешната показна вежба.
Македонија
Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата добиja трипати повеќе мандати од СДСМ и ДУИ заедно
Вчера победи Македонија, победи народот, победија и Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци и Власи, победија граѓаните. Со над 280 илјади гласови разлика беше декласирана власта на СДСМ, затоа што на народот му беше доста од криминалот корупцијата, понижувањата, поделбите, притисоците, поразите и уцените, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Тој истакна дека вчера беше поразен и бојкотот на ДУИ, но беше упатен и јасен сигнал дека во Македонија мора да има одговорност за пљачкањето и осиромашувањето на граѓаните кое се случува изминатите години.
„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата доби трипати повеќе мандати од СДСМ, или ако сакате повеќе од ДУИ и СДСМ заедно на овие избори, со што народот јасно покажа дека овие две партии треба да завршат во опозиција. ВМРО-ДПМНЕ, согласно последните неофицијални податоци од ДИК освои 58 наспроти 18 мандати на СДСМ и 19 мандати на ДУИ. Јасна е волјата на граѓаните, покрај СДСМ, во опозиција треба да оди и ДУИ, да поминат низ една катарза, да има одговорност и да се реформираат, потоа да излезат пред судот на граѓаните“, рече Муцунски.
Во врска со претседателските избори, истакна дека разликата помеѓу победничката Гордана Силјановска Давкова и актуелниот претседател Пендаровски со околу 310 илјади гласови.
Со последните прсметки, ВМРО-ДПМНЕ на изборите освои 58 пратенички мандати, ДУИ-19, СДСМ-18, ВЛЕН-13, и Левица и ЗНАМ по шест.
Македонија
Тренчевска се повлече од партиската функција: „Нека настапат нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери“
Се повлекувам од мојата функција како претседателка на Форумот на жените на СДСМ, функција што ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните, објави на социјалните мрежи Јованка Тренчевска.
Како што додаде, од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата што ѝ била дадена.
„Од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро!“, вели Тренчевска.
Како што рече, вчерашниот ден покажал дека живееме во демократска држава, каде што моќта е на народот, онака како што и треба да биде.
„Во нашиот мандат како Социјалдемократски сојуз на Македонија никој не оставивме сам, носевме мерки и закони што им помагаат на сите граѓани. Ги донесовме највисоките плати и пензии, се грижевме за најмладите и за лицата со попреченост. Чекори што не сакам да избледат со текот на времето! Од моето дејствување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред. Нема да дозволам уназадувањe на социјалната работа и укинување на мерките што се од полза на граѓаните. Мене ме водат вредности во кои секој заслужува поддршка, можности и напредок и така ќе дејствувам од позиција на пратеник“, вели ексминитерката за труд и социјална политика.