Македонија
(Видео) Живковски: Итно да се повлече предлог ДУП-от за Расадник кој предвидува повеќе од 120 згради
ВМРО-ДПМНЕ денеска организира протест на кој побара повлекување на предлог ДУП-от за Расадник.
„Зошто протестираме? Предлог ДУП-от за Расадник предвидува повеќе од 120 згради од кои најголемиот дел се тринаесеткатници. Не предвидува никаква зелена површина и сметаме дека со евентуалното усвојување на предлог ДУП-от ќе се закочи во целост функционирањето на овој дел од градот, во кој што и онака владее безредие, владее урбан хаос, а општината буквално не презема ништо за регулирање на овие проблеми на граѓаните“, изјави Иван Живковски претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кисела Вода.
Според него, од евентуалното донесување на ДУП-от би се населиле во новата населба повеќе од 20.000 граѓани.
„20.000 граѓани кои треба да гравитираат околу општината, 20.000 граѓани кои што ќе треба да влезат преку овие инфраструктурни патишта кои ги имаме во моментот и на тој начин би се блокирал и онака веќе постоечкиот хаос кој што владее веќе одамна во Кисела Вода. Ние се обидовме повеќе пати да апелираме до градоначалникот и до локалната власт да го повлечат ваквиот ДУП. ВМРО-ДПМНЕ не било и нема да биде против урбанизација, меѓутоа не на ваков начин и не во ваква форма“, рече Живкоски.
Најважното е да се каже, додаде тој, дека со евентуалното изгласување на ваквиот предлог ДУП ќе придонесе за и онака загадениот воздух во овој дел на градот да биде уште поголем затоа што ќе спречи циркулација на воздухот од околните планински превои.
„Ваквиот ДУП каков што е изработен претставува сериозен проблем за градот Скопје, не само за граѓаните на Кисела Вода, така да евентуалното негово донесување ќе биде уште еден дополнителен хаос пред се во општината Кисела Вода“, изјави Живковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

