Македонија
Ахмети на средба со амбасадорката Брнс: Америка останува нашиот најсилен сојузник

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, се сретна со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Брнс.
„Ахмети ѝ пренесе на амбасадорката Брнс дека успешната соработка со Соединетите Американски Држави ќе продолжи и во иднина со цел на постигнување на заедничките цели со Република Северна Македонија. Во оваа пригода Ахмети ѝ се заблагодари на амбасадорката Брнс за медицинската помош што САД ѝ ја доделија на Северна Македонија за да се справи што е можно полесно со ситуацијата создадена од пандемијата предизвикана од Ковид-19“, соопштија од ДУИ.
Лидерот на ДУИ, Ахмети, и американската амбасадорка Брнс исто така разговарале и за достигнувањата на Република Северна Македонија во евро-атлантските интеграции, вклучително и договорот со Атина и Софија, како и патот на земјата кон ЕУ.
„Претседателот Ахмети го поздрави и договорот од Вашингтон меѓу Косово и Србија, како и заемното признавање меѓу Израел и Косово и дефинирањето на Хезболах како терористичка организација. На крајот на овој состанок амбасадорката Брнс истакна дека Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува Република Северна Македонија во спроведувањето на важните реформи насочени кон владеењето на правото и функционирањето на институциите непристрасно и независно“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Kузеска: Нема правда за Кочани, власта ги штити своите

Односот на власта кон трагенцијата во Кочани ја покажува самиот премиер Мицкоски кој ги етикетира оние луѓе коишто бараат правда односно најблиските од семејствата на загинатите млади луѓе во дискотеката Пулс, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Нема правда за Кочани, власта не е испорачува никаква правда туку заштита за своите. Тоа го видовме. Дел од заштитените кои биле началници во исто време гледаме дека биле и дел од изборниот штаб на ВМОР-ДПМНЕ. Сите оние други коишто биле инволвирани се под заштита на Мицкоски. Тоа не е правда, тоа е неправда“.
Според Кузеска, селективни апсења и жртвени јагниња не се правда.
Правда, како што вели, ќе има кога ќе има истраги и одговорности за оние кои денес се под закрила на премиерот а се друго сметаат во СДСМ дека е замајување на јавноста и бегање од одговорноста којашто ја имаат директно функционери коишто се блиски, односно се дел од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Во Центар сигурно победуваме, вели Герасимовски

Актуелниот градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, е убеден дека по втор пат ќе ја добие довербата на центарци, заради сработеното но и многуте планови од интерес на граѓаните.
На работната средба со новинарите, Герасимовски посочи дека во изминатиот период општината, раководена од него, работеше и работи транспарентно и отворено, и секогаш е достапна за граѓаните.
„Советот на општината и јас како градоначалник, сме пример за работење на локална самоуправа на територија на државата, ние сме меѓу малкуте општини каде што претседателот на советот доаѓа од друга политичка партија и одлично функционира изминатите три и пол години. Се прифаќаат предлози од сите советнички групи, без разлика на нивната политичка партија. Тоа што е издржано, тоа што е во интерес на граѓаните и за тоа што имаат финансиска поддршка, секогаш се прифаќа и од моја страна и од страна на советниците”, рече Герасимовски, нагласувајќи дека политиката е комплетно тргната настрана од работењето на општината.
И затоа според него, сработеното од него и од неговиот тим, дава право да се кандидира како градоначалник за втор мандат и секако да се добие локалната изборна трка.
Македонија
Сиљановска-Давкова го потпиша Договорот на ОН за заштита на водите и обезбедување нивен одржлив развој

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на третата конференција на Обединетите Нации за океанот којашто се одржува во Ница, го потпиша Договорот според Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (Договор BBNJ).
Целта на Договорот е преку зајакнување на меѓународната соработка и координација, да се сопре губењето на биолошката разновидност и деградацијата на екосистемите.
Истакнувајќи дека иако сме континентална држава направивме извонреден потег со тоа што пристапивме кон овој Договор, како и многу други држави, Сиљановска-Давкова рече – затоа што кога зборуваме за водите, мислиме на водите од потокот, од изворот, па до океанот и затоа е важно што повеќе држави да го потпишат Договорот.
Таа укажа дека Договорот ни наметнува и сериозни обврски кои треба сериозно да ги сфатиме затоа што сме должни како држава да сториме сè за заштита на водниот биодиверзитет и за одржлив развој на водите.
Оценувајќи дека состојбата со океаните и со водите воопшто не е сина, претседателката нагласи дека нештата мора да се менуваат во интерес на нивната заштита, затоа што добробит од тоа имаат сите држави на светот без оглед дали се на море или не – тоа значи дека и нашата држава ќе има само корист од заштитата на водите.
Во рамки на Конференцијата којашто се одржува во Ница, претседателката Гордана Сиљановска Давкова имаше и кратка средба со францускиот претседателот Емануел Макрон.