Македонија
Одборот за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Христијан Мицкоски е само лош глумец
Христијан Мицкоски е само лош глумец, чија суета ја турка ВМРО-ДПМНЕ во пропаст, реагираат од иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ по вечерашната изјава на Мицкоски дека тој предложил да се свика вонреден конгрес на кој тој нема да биде претседател, но дека Централниот комитет едногласно го одбил тоа.
„Да беше искрен во предлогот за вонреден конгрес и во намерата да не се кандидира, ќе ја искористеше можноста што ја дава Статутот, ќе си дадеше оставка и ќе беше свикан конгресот наместо да прави театар злоупотребувајќи го Централниот комитет, кој е со истечен мандат. Сè уште актуелниот престедател на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту кредибилитет ниту легитимитет да именува или разрешува партиски органи. Единствено чесно од негова страна би било извинување до членството за претрпените порази, преземање одговорност, оставка и закажување вонреден конгрес“, се вели во соопштението.
Само така, велат од иницијативниот одбор, ќе си го одржи зборот и ќе го сочува образот и, впрочем, и самиот Мицкоски јавно вети дека ќе се повлече доколку не победи и не успее да формира влада.
„Мицкоски загуби и немаше капацитет да формираше влада. Поразот на избори е најмногу поради тоа што нема капацитет да обединува. Ни граѓаните ни партиските членови во него не гледаат лидер. Парите наменети за изборно рекламирање ги трошеше во сомнителни портали, а на вмровските листи вметнуваше ликови како Сафет Бишевац, кои до вчера го навредуваа и омаловажуваа членството. Мицкоски е изолиран. Нема поддршка ни од домашната ни од меѓународната јавност. Мицкоски му одговара само на Зоран Заев бидејќи СДСМ никогаш нема да најде подобар спаринг-партнер, кој со сигурност ќе си го гази на избори. Времето и начинот на кој го предлага новиот извршен комитет покажува само дека Мицкоски не ги почитува конгресот и делегатите што го избрале. Наместо да побара поддршка на вонреден конгрес и потоа со легитимитет да ја води партијата доколку добие доверба, Мицкоски одлучува да се коцка со ВМРО-ДПМНЕ и да предлага нови структури, кои во суштина не нудат ништо ново“, се вели во соопштението на иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновски во Египет: потпишан протокол за соработка меѓу судовите
Претседателот на Уставиот суд, д-р Дарко Костадиновски, и претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фатимп Искандар, потпишаа Протокол за соработка помеѓу двата суда.
„Обајцата изразија задоволство и уверување дека со овој документ се воспоставуваат нови перспективи за натамошно унапредување на соработката, размена на искуства и техники за унапредување и поефикасно работење. Разговорите се одвиваа во насока на билатерална размена на знаења и практики, се дискутираше и од аспект на проширување на соработката на меѓународен план, со цел информирање и градење на ставови во рамки на Светската конференција на уставни судови“, соопшти Уставниот суд.
Посетата на Египет е по повод учесто на претседателот Костадиновски на состанокот на највисоко ниво на африканските уставни судови, на кој присуствуваат и претседателот на Уставниот суд на Шпанија,Кандидо Конде-Пумпидо, кој ја претставува Светската конференција на уставни судови, Елена-Симина, Танасеску како претседавач на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата.
Костадиновски покрај тоа што го претставува Уставниот суд на Република Северна Македонија, е во својство и на претседавач и претставник на Балканскиот форум на уставни судови.
Претседателот Костадиновски денеска ќе одржи говор за „уставното судство во Република Северна Македонија, патот од строг формализам до жив конституционализам”.
На маргините на настанот, претседателот Костадиновски се сретна со претседателот на турскиот Уставен суд, Кадир Озкаја, претседателката на Уставниот суд на Алжир Лејла Аслои.
Костадиновски се сретна и со Јунг Јунгми, судијка на Уставниот суд на Кореја, на која беше истакнато задоволство од развивање на соработката и најавено присуство на претставници од Судот во Кореја на 4. Конгрес на Балканскиот форум на уставни судови кој ќе се одржи од 12-14 ноември во Охрид.
Македонија
Алиу во Тирана на основање на Пан-албански колеџ на хирурзи: се нанадевам дека ќе прерасне во механизам за прекугранична соработка
Министерот за здравство, Азир Алиу, вчера учествуваше на основањето на Пан-албанскиот колеџ на хирурзи (ПAKX), што се одржа во Тирана, соседна Албанија.
Во обраќањето пред присутните хирурзи од Албанија, Северна Македонија, Косово, Австрија, Германија, Швајцарија, САД и други, држави министерот Алиу нагласи дека со оваа професионална организација се поставуваат нови мостови на поврзување меѓу институциите и различните генерации на хирурзи, притоа поврзувајќи ја оваа хумана професија со нејзината благородна цел за безбедност и достоинство на пациентот.
„Хирургијата е област која бара високи стандарди затоа што може да биде прашање на живот или смрт за човекот. Затоа, основањето на ПAKX е важно не само за хируршката заедница, туку и за министерствата за здравство и јавните здравствени системи во целиот регион. Секоја иницијатива што ги подигнува стандардите, го зајакнува континуираното образование, овозможува размена на добри практики и гради професионални мрежи, значи намалување на ризиците, подигнување на квалитетот и зголемување на довербата во здравството“, рече министерот Алиу.
Тој оцени дека основањето на колеџот е резултат на сериозна и долгорочна работа и продолжение на успешните регионални искуства, што води кон создавање на реална можност за менторство, размена на искуство, заеднички програми за обука и создавање култура на заеднички квалитет во хирургијата.
„Кога професионалците преку вакви организации се обединуваат околу стандардите, тогаш може да се очекува здравствените политики да бидат пореални и применливи. Верувам дека овој колеџ ќе прерасне во платформа за заеднички обуки, размена на специјализанти, структурирано менторство, симулациски тренинг и академска соработка меѓу универзитетите и клиниките. Притоа, очекувам оваа соработка да прерасне и во силен постојан механизам за прекугранична соработка, консултации и координација“, рече министерот Алиу и додаде дека здравството е простор каде политиката мора да биде најодговорна, затоа што секоја одлука допира до човечки живот.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.

