Македонија
Битиќи се сретна со црногорската амбасадорка: „Земјите во регионот делат исти предизвици“
Земјите во регионот делат исти предизвици, заеднички да работиме на нивно надминување и подигнување на конкурентноста на регионот. Ваква порака испратија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој денеска се сретна со амбасадорката на Црна Гора во нашата земја, Марија Петровиќ. Двајцата разговараа за заедничките предизвици на земјите од регионот на Западен Балкан, евроинтеграциите и унапредувањето на економската соработка помеѓу двете земји.
Битиќи нагласи дека сите земји од регионот, и во периодот пред здравствената и социо-економска криза предизвикана од коронавирусот, но и за време на кризата, се соочуваат со исти или слични предизвици, а за нивно надминување потребна е заедничка соработка и енергична реакција. Со поинтензивна меѓусебна соработка и искористување на конкурентската предност што секоја од земјите од Западен Балкан ја добива со заемната соработка можеме да го искористиме моментот и посилни да влеземе во постковид периодот, со што земјите од регионот и целиот регион ќе бидат поатрактивен партнер за Европската Унија.
Отворањето на преговори со Европската Унија беше уште една тема на разговор помеѓу вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Петровиќ. Црна Гора веќе почна преговори за членство со ЕУ, би можеле да се искористат искуствата коишто ги има во овој процес и заеднички да се продолжи на патот кон целосна интеграција на двете земји во ЕУ.
Петровиќ и Битиќ се согласија дека во овој период треба да се работи и на реализација на капиталните инфраструктурни проекти во сите земји во регионот, за да има подобра поврзаност на земјите, што е еден од предусловите за унапредување на економската соработка и подигнување на конкурентноста на целиот регион.
Вицепремиерот Битиќи и црногорската амбасадорка Петровиќ се заложија на понатамошна соработка во насока на подобра економска соработка помеѓу двете земји, преку креативна и отворена континуирана дискусија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

