Свет
Трета руска вакцина против Ковид-19 доби зелено светло за клинички испитувања
Руското Министерство за здравство даде зелено светло на уште едно домашно тестирање за вакцина против коронавирус, пренесува РТ. Новата формула се смета за нискоризична за оние со компромитиран имунолошки систем, кои можеби не можат да најдат алтернативи.
Околу 3.000 луѓе ќе учествуваат во клиничките испитувања што ќе се спроведат во Санкт Петербург, Новосибирск и во Киров. Федералниот научен центар за истражување и развој на имунолошки и биолошки производи „Чумаков“, кој ја разви вакцината, ги сподели информациите со московскиот дневен весник РБК.
Центарот истакна дека испитувањата ќе ги задоволат барањата на Светската здравствена организација и на меѓународните регулатори, истовремено обезбедувајќи им на истражувачите доверлив обем на научни податоци.
Волонтерите ќе бидат изолирани во болнички услови и ќе бидат надгледувани 16 дена по вакцинирањето. Тестирањата се очекува да завршат во ноември, вели Ајдар Ишмукаметов, директорот на центарот.
Имунизацијата е таканаречена „цело-вирионска“ вакцина, заснована на уништена или вештачки ослабена честичка на вирусот, која е неспособна да предизвика болест. Овој тип на вакцина обично се смета за низок ризик за луѓе чиј имунолошки систем веќе е нарушен.
Ова е трета руска вакцина против Ковид-19 одобрена за големи испитувања кај луѓе. Последното испитување на руската пионерска вакцина „спутник V“, официјално регистрирана на 11 август, сè уште е во тек. Околу 60.000 луѓе доброволно се пријавија да бидат имунизирани со инокулација, развиена од реномираниот московски истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, објави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.
EpiVacCorona, втората руска вакцина дизајнирана од државниот истражувачки центар за вирологија и биотехнологија „Вектор“, со седиште во Новосибирск, во моментов е во фаза на регистрација. Кај неа од средината на август се во тек испитувањата во фаза 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Јапонската премиерка Такаичи освои историска победа на изборите
Ризичниот потег на премиерката на Јапонија, Санае Такаичи, да распише предвремени избори ѝ донесе убедлива победа – нејзината владејачка Либерално-демократска партија освои повеќе од 310 од 465 пратенички места во долниот дом, јави „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на анкетите на јапонската телевизија NHK.
Ова е првпат по Втората светска војна една партија да има двотретинско мнозинство во парламентот. Тие сега можат да предлагаат уставни измени и да ги надгласуваат блокадите во горниот дом.
Такаичи, првата жена на чело на јапонската влада, ја доби поддршката на гласачите само четири месеци откако стана премиерка. Во јавноста е популарна по нејзината работна етика, активноста на социјалните мрежи, како и заедничките настапи со светски лидери – меѓу кои и импровизирано свирење на тапани со јужнокорејскиот претседател.
Победата ѝ овозможува силен мандат за справување со економските предизвици, слабата валута и влошените односи со Кина. Тесно соработува и со американскиот претседател Доналд Трамп, кој ѝ даде „целосна поддршка“.
И покрај позитивниот имиџ, Такаичи беше критикувана поради нејзини изјави за Тајван и интензивниот работен ритам – состаноци до 3 часот наутро. Нејзиниот коментар дека Јапонија би можела да реагира воено ако Кина нападне Тајван доведе до дипломатски тензии со Пекинг.
Свет
Бабиш ја повика Европа да почне преговори со Путин
Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да започне преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, пренесоа денеска чешките медиуми.
„Европските лидери сега почнаа да зборуваат дека треба да се преговара со Путин. Порано, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан беше кај Зеленски и кај Путин, сите го осудуваа тоа“, потсети Бабиш, пренесува порталот TN.
Тој ги повика европските земји да воспостават директен дијалог со Москва, оценувајќи дека тоа е неопходен предуслов за примирје.
Бабиш додаде дека Европа не е во состојба самостојно да го запре конфликтот, нагласувајќи дека „клучниот играч во преговорите е американскиот претседател Доналд Трамп“.
Тој потсети дека мир бил близу уште во април 2022 година, но дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон го спречил договорот.
„Луѓе умираат во Украина. Мора да има дипломатско решение“, рече Бабиш, додавајќи дека излезот треба да се бара во тековните преговори.
Втората рунда на трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржа на 4 и 5 февруари во Абу Даби.
Свет
„Само Трамп може да ја запре војната“ – украинскиoт министер повика на лидерска средба со Русија
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека само американскиот претседател Доналд Трамп може да ја запре војната и повика на директна средба меѓу украинскиот и рускиот лидер за да се решат најтешките прашања во мировните преговори. Според него, од мировниот план од 20 точки останале нерешени само неколку, но тие се „најосетливите и најтешки“ и бараат лидерска интервенција.
Сибиха изрази надеж дека напредокот во разговорите посредувани од САД ќе се искористи пред американските конгресни избори на есен, кои би можеле да го променат фокусот на Вашингтон.
Претходно, претседателот Зеленски откри дека САД предложиле војната да се заврши пред летото. Сè уште не е постигнат договор за прашањето на териториите и нуклеарната централа Запорожје, а бил предложен и план за „енергетско примирје“.

