Свет
Амбасадорот на Израел во ОН ја напушти салата на ГС за време на обраќањето на Ердоган
Израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, кој присуствуваше на средбите во живо во Генералното собрание на ОН, ја напушти салата во текот на обраќањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој остро го критикуваше Израел, пренесува „Анадолија“.
Ердан ја напушти салата додека Ердоган во видеопораката по повод 75-годишнината од ГС на ОН говореше за израелската политика на угнетување, насилство и заплашување кон Палестинците. Ердоган во дел од обраќањето за Палестина потсети дека Израел и понатаму продолжува со напади и со насилство врз светиот град Ерусалим.
„Валканата рака што посега кон приватноста на Ерусалим, каде што коегзистираат светите места на трите големи религии, постојано ја зголемува својата дрскост. Палестинскиот народ повеќе од половина век се спротивставува на израелската политика на угнетување, насилство и заплашување.
По одбивањето на документот за предавство што на палестинската страна се обидоа да ѝ го наметнат како ‘договор на векот’, Израел ги забрза напорите тврдината да ја освои однатре со помош на своите соработници. Турција нема да даде поддршка на ниеден план на кој не се согласува палестинскиот народ“, рече Ердоган, зборувајќи за американскиот мировен план меѓу Израел и Палестинците, кој предвидува основање палестинска држава само во Газа.
Тој истакна дека некои земји во регионот му пружиле поддршка на Израел, со што отворено ги прекршиле основните норми на меѓународното право.
„Земјите кои изјавија дека имаат намера да отворат амбасади во Ерусалим, спротивно на резолуциите на ОН и меѓународното право, само дополнително го комплицираат конфликтот. Палестинското прашање може да се реши со воспоставување независна и суверена палестинска држава со Источен Ерусалим како главен град врз основа на границите од 1967 година. Барањето други решенија е залудна, еднострана и неправедна постапка“, рече турскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп нема да се кандидира за потпретседател на изборите за 3 години
Доналд Трамп нема да се кандидира за потпретседател на изборите за 3 години. Во последните недели, неговите поддржувачи шпекулираа дека неговиот сегашен потпретседателски кандидат, Џ.Д. Венс, би можел да биде номиниран за претседател во 2028 година, а потоа да се повлече во корист на второпласираниот кандидат на гласачкото ливче, Трамп.
На авионот „Ер Форс Уан“, американскиот шеф на државата изјави дека таков потег е дозволен, но дека тој нема да го преземе: „Не мислам дека на луѓето ќе им се допадне“
Според 22-от амандман на Уставот на САД, претседателот може да служи максимум два мандати. Сепак, капи со натпис „Трамп 2028“ беа видени на неодамнешни настани во Белата куќа.
Регион
Рама: Министерката создадена со вештачка интелигенција „ќе роди“ 83 дигитални помошници за парламентот
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека нивната министерка создадена со помош на вештачка интелигенција, Диела, ќе „роди“ 83 дигитални помошници кои ќе работат како виртуелни асистенти на пратениците од Социјалистичката партија.
Според Рама, тие асистенти ќе ја подобрат ефикасноста и транспарентноста на парламентот, водејќи евиденција за седниците, подготвувајќи анализи и предлагајќи политики засновани на податоци.
Диела, која беше именувана во мај 2025 година, е првата виртуелна министерка во светот создадена со помош на вештачка интелигенција. Нејзината задача е да ја следи законитоста и транспарентноста на државните тендери и да спречи корупција, со користење алгоритми што одлучуваат без човечко влијание.
Рама ја опиша иницијативата како чекор кон „целосно транспарентна и безкорупциска“ администрација, а метафората за „трудна министерка“ симболично го претставува ширењето на вештачката интелигенција во повеќе сектори на управувањето во Тирана.
Свет
Орбан оди кај Трамп поради руската нафта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан следната недела ќе отпатува во Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и да разговара за санкциите против руската нафтена индустрија, изјавил шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Сијарто рече дека Унгарија оваа недела ќе ја анализира „правната и физичката последица“ од санкциите што САД ги воведоа против руските компании минатата недела, додавајќи дека Орбан ќе може лично да разговара со Трамп ако биде потребно.
Средбата треба да се одржи во втората половина на следната недела, но точниот датум не е познат.
Трамп претходно изјави дека Европа мора целосно да се откаже од руската нафта и гас и воведе санкции против „Росњефт“ и „Лукоил“, додека Орбан најави дека Унгарија ќе бара начини да ги заобиколи американските ограничувања.

