Македонија
Груби на состанок со Гир: „Владата е посветена на реформите во администрацијата“

Владеењето на правото, реформите во јавната администрација и пописот беа темите на кои се осврнаа првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, и новиот амбасадор и шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
Груби рече дека досегашната соработка со Делегацијата на Европската Унија во земјава била и ќе остане на највисокото ниво. Тој го увери амбасадорот Гир дека како координатор на ресорните политики ќе обезбеди кохезија во владината коалиција и ќе ја надгледува координацијата и исходот на процеси и спроведувањето на програмата. Груби на европскиот амбасадор му пренесе дека патот на неселективната правда и владеење на правото ќе се постигне само преку целосна транспарентност и ветингот кон сите носители на јавни функции, судиите и обвинителите.
За време на состанокот помеѓу Груби и амбасадорот Гир се разменија мислења и за динамиката на спроведувањето на реформите, кои се очекува уште повеќе да се зголемат по отворањето на преговорите со Европската Унија. По овој повод, Груби му нагласи на Гир дека Владата е посветена во спроведувањето на реформите во јавната администрација.
Амбасадорот Гир за време на состанокот со Груби подвлече дека за Европската комисија и институциите на ЕУ, спроведувањето на реформите во судството, владеењето на правото и одржувањето на добрите меѓуетнички односи, како и добрососедските односи се исто така важни, со цел да се докажат европските вредности за време на процесот на интеграција во ЕУ.
Двајцата соговорници разговараа и за правичната и соодветна застапеност во државните институции, но и во приватните компании, домашни и странски, со акцент на уставниот принцип на фер и соодветна застапеност за сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.
Груби и Гир разговараа и за организирањето на пописот на населението, процес што тие оценија дека успешно ќе биде завршен во текот на следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност, максималната температура до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 28 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Од петок под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни. Дневната температура значително ќе опадне, особено во деновите од викендот и почетокот на следната седмица.
Македонија
Граѓаните плаќаат за чиста средина, а не за депонии и ѓубришта: Митески најави кривична против ЈП „Комунална хигиена“доколку не реагира за отпадот

Комуналните служби на Општина Аеродром само денеска собраа над 10 тони отпад (50м3) кои завршија во „Дрисла“, соопшти в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
„Ова не е еднократна акција – ова е наша секојдневна работа. Нашите општински служби се на терен, додека Градското комунално претпријатие кое треба да ја изврши оваа работа, е неажурно и немо. Доста е“.
Граѓаните, додава тој, плаќаат за чиста и уредна средина, а не за депонии и ѓубришта. Напоменува дека никој нема право да го загрозува здравјето и иднината на децата.
„Од утре продолжуваме уште поинтензивно.
Ако нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, како градоначалник ќе поднесам кривична пријава за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, и секојдневно ќе барам постапување од Обвинителството и МВР“, објави Митески.
Ова, како што истакна, не е политика, туку прашање на достоинство, здравје и иднина.
Македонија
Мицкоски: Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоцијата на кандидатурата на Јане Мицевски за градоначалник на Општина Сопиште, како и на кандидатите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште.
Ветуваме реализација на многу проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата, ќе создадат нови можности за младите и ќе придонесат за економски развој и модернизација на општината. Заедно, со посветеност и транспарентност, ќе изградиме Сопиште какво што сите го посакуваме.
Јане Мицевски е вистинскиот избор за Сопиште“, објави Мицкоски.