Свет
(Видео) Зеленски: ОН дозволуваат катастрофите да станат нова нормала
Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во виртуелниот говор во средата на 75-тото годишно Генерално собрание на ОН ја осуди неактивноста на организцијата околу окупацијата на Крим од страна на Русија.
„На Крим флагрантно се кршат човековите права… се случуваат прогони на Украинци и на етничките Кримски Татари. Руската милитаризација на полуостровот се зголемува, што го крши и нарушува безбедносниот баланс на регионот на Црното Море“, тврди Зеленски.
Во 2014 година Русија го анектираше полуостровот Крим од Украина и го поддржа сепаратистичкиот бунт на истокот на земјата. Оттогаш, во континуираниот конфликт меѓу украинските трупи и сепаратистите поддржани од Русија загинаа повеќе од 13 000 луѓе. Примирјето во 2015 година стави крај на големите борби меѓу двете страни, но продолжуваат спорадичните борби на истокот од Украина.
На 27 јули Украина и проруските сепаратисти го договорија последниот прекин на огнот на истокот. На виртуелната дебата во ОН, Зеленски рече дека сеопфатниот прекин на огнот, и покрај обидите да се наруши, дава надеж за постигнување одржлив мир“.
Тој се осврна на обвинувањата на украинската армија дека сепаратистите ги прекршиле условите на примирјето само неколку часа по неговиот почеток на 27 јули, што сепаратистите ги негираат.
Зеленски рече дека следните чекори за постигнување мир во Украина треба да бидат повлекување на незаконски воени формации и вооружувањето од окупираните територии на Крим и Донбас во Источна Украина, проследено со враќање на контролата над украинската државна граница, како и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамките на меѓународно признатите граници
За да се постигнат овие цели, Зеленски повика на поддршка за обновената резолуција за човековите права во автономната Република Крим и градот Севастопол, што ќе биде доставена до Генералното собрание до крајот на оваа година.
Севастопол е најголемиот град на Крим и главно пристаниште на Црното Море. Од анексијата на Крим во 2014 година, стратешкиот град е со федерална администрација од Русија.
Зеленски го заврши својот говор со повик за деокупација на Крим и Донбас. Тој рече дека иако ОН тврдат дека ја поддржуваат деокупацијата уште од 2014 година, тој не успева да преземе легитимни активности по ова прашање.
„Тука и лежи најголемиот проблем“, забележа тој.
Зеленски ја осуди неактивноста, велејќи дека таа претставува лош преседан дозволувајќи им на глобалните катастрофи да станат новата нормала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британската полиција ги истражува летовите на Епстин од аеродромот Стенстед
Полицијата во Есекс ги истражува информациите за приватни летови кои слетувале и полетувале од аеродромот Стенстед, по објавувањето на документи поврзани со Џефри Епстин. Овој потег следи откако поранешниот премиер Гордон Браун минатата недела ја повика британската полиција итно да ги испита тврдењата за криумчарење жени и девојки во земјата со авиони, пренесува Скај њуз.
Браун во текст за „Њу стејтсмен“ навел дека неодамна објавените документи за Џефри Епштајн откриваат дека авионот на осудениот педофил имал 90 летови кон или од британски аеродроми. Тој истакнал дека дури 15 од тие летови се случиле откако Епстин во 2008 година бил осуден за сексуален престап.
Портпаролот на полицијата во Есекс изјавил: Ги проценуваме информациите што се појавија во врска со приватните летови кон и од аеродромот Стенстед, по објавувањето на списите за Епштајн од страна на американското Министерство за правда.
Од аеродромот Стенстед соопштиле дека сите приватни авиони таму оперираат преку независни оператори (Fixed Base Operators), кои се задолжени за сите аспекти на приватното и корпоративното воздухопловство во согласност со прописите. Нагласиле дека сите имиграциски и царински проверки на патниците на приватни летови ги спроведува директно Граничната полиција.
„Тие користат целосно независни терминали со кои не управува Лондон Стенстед и ниту еден патник од приватен авион не влегува во главниот терминал на аеродромот. Аеродромот не управува ниту има увид во патничките аранжмани на приватно оперираните авиони“, се наведува во соопштението.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.
Свет
Истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико по тврдењата за закопани девојки
Властите на сојузната држава Ново Мексико покренаа истрага за ранчот „Зоро“, кој му припаѓал на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, по обвинувањата дека на тој имот надвор од Санта Фе сексуално злоупотребувал девојки и жени, објави Аксиос.
Според пратеничката Андреа Ромеро, истрагата има за цел откривање на вистината и овозможување преживеаните да добијат правда.
Министерството за правда на Ново Мексико минатата недела му пишало на Министерството за правда на САД барајќи нецензуриран пристап до анонимен мејл од 2019 година во кој се наведува дека две „странски девојки“ биле закопани на ранчот „Зоро“.
Ранчот, кој Епстин го поседувал од 1993 година до неговата смрт во 2019 година, се простира на повеќе од 7.600 хектари и се појавува во повеќе јавно објавени досиеја поврзани со него.
Преживеаните тврделе дека биле злоупотребувани на тој имот, вклучително и сведочењето на Ени Фармер, која за време на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година го обвинила Епстин дека ја злоупотребувал на тој ранч.
Двопартискиот одбор на Претставничкиот дом на Ново Мексико ќе собира сведоштва од преживеани и планира јавно именување на осомничените сторители.
Пратениците истакнуваат дека ранчот долго време бил надвор од дометот на правдата и дека истрагата има за цел обновување на довербата на јавноста и заштита на безбедноста на граѓаните.
Сегашните сопственици на ранчот, семејството на поранешниот сенатор од Тексас, Дон Хафинс, вети целосна соработка.
Првиот состанок на одборот е закажан за вторник, а привремениот извештај до Претставничкиот дом мора да биде поднесен до 31 јули, додека конечниот извештај се очекува до 31 декември, вклучувајќи и препораки за понатамошни постапки.

