Македонија
Кузеска: Со изборот на Мизрахи во Извршниот комитет, Мицкоски ја потврди антиевропската матрица на ВМРО-ДПМНЕ
Со изборот на Рашела Мизрахи за член на Извршниот комитет се потврдува дека ВМРО ДПМНЕ е против интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, изјави на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа вели дека составот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, скроен по желба на Христијан Мицкоски, има единствена цел да му ја спаси лидерската фотелја во белата палата.
„Мицкоски ја избра токму Рашела Мизрахи да го брани пред своите, пред членовите на ВМРО ДПМНЕ, истата која како министерка во техничката Влада ги спроведуваше деструктивните политики на Мицкоски, за што го прекрши Уставот и постоеше опасност да го загрози евроинтегративниот процес на земјата. Наместо да работи на обезбедување услови за фер и демократски избори, што е и главната е единствена функција на техничката Влада, Мизрахи спроведуваше евтин популизам, водена од партиските интереси и интересите на Мицкоски, за што и беше разрешена од Собранието на Република Северна Македонија“, рече Кузеска.
Додаде дека главната цел на Мицкоски, којашто се обидувал да ја реализира преку Мизрахи, била да се поткопа успехот на државата и да се загрози процесот за влез во Европската Унија.
СДСМ обвинува дека Мицкоски и неговиот Извршен комитет немаат намера да делуваат конструктивно, ниту сакаат државата да ја видат во ЕУ, туку единствена цел им е спас на Христијан Мицкоски и спроведување наредби од Никола Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

