Економија
„Окта“ инсталира фотоволтаична централа на меѓународното училиште НОВА

„Окта“ АД Скопје и меѓународното училиште НОВА преку меѓусебна соработка пуштија во употреба две фотоволтаични централи, поставени на покривот на двете згради на училиштето. Централите ќе произведуваат електрична енергија од обновливи извори, од која дел ќе се користи за потребите на училиштето, а остатокот ќе биде наменет за слободниот пазар. Ова е четврта фотоволтаична централа поставена од „Окта“, што е дел од стратегијата на компанијата за учество на пазарот за производство и снабдување со електрична енергија преку примена на иновативни технологии и заштита на животната средина.
„Со поставувањето на новата фотоволтаична централа ја продолжуваме трансформацијата на ‘Окта’ во модерна енергетска компанија, која континуирано ги зголемува своите капацитети за производство на енергија од обновливи извори. Преку ваквите проекти исто така им помагаме на нашите партнери да ја рационализираат потрошувачката на струја преку значителна заштеда во споредба со користењето енергија генерирана од согорување фосилни горива. Дополнително, за нас е особено важно да придонесеме кон развивање на свеста од потребата за поголема употреба на обновливите извори на енергија и намалување на влијанието на јаглеродот што има значителни ефективрз животната средина“, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на „Окта“.
Двете фотоволтаични централи се со вкупна инсталирана моќност од 125kW и очекуван животен век над 25 години. Поставени се вкупно 440 фотонапонски панели од светски реномираниот производител MulticrystallineTrinaSolar, два инвертора HUAWEI SUN2000-60 KTL-MO и еден инвертор HUAWEI SUN2000-33KTL-А. На годишно ниво централите ќе произведуваат околу 160 MWh зелена електрична енергија.
„Како училиште, во кое главниот фокус е ставен на иновативноста и примената на технолошкиот развој, во согласност со еколошката одговорност, поставувањето на фотоволтаичната централа е целосно во корелација со сето она за кое се залагаме и што им го пренесуваме како вредност на нашите ученици. Соработката со ‘Окта’ покажа дека е возможна успешна синергија помеѓу голема енергетска компанија и меѓународно училиште. Веруваме дека оваа инвестиција ќе има позитивен придонес во нашето оперативно работење, но уште поважно, ќе ја подигне свесноста кај целата наша ученичка популација за потребата од личен придонес кон одговорно однесување во нашето опкружување“, рече Иван Новаковски, директор на меѓународното училиште НОВА.
„Окта“ претходно инсталира три фотоволтаични централи, од кои една за сопствени потреби, во кругот на компанијата, и по една на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје и на фабриката за конфекција и трикотажа АД „Единство“ во Струмица. Во претстојниот период енергетската компанија планира пуштање во употреба уште еден ваков производствен капацитет.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави

Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави, потсетува Управата за јавни приходи.
„Со цел да се обезбеди непречено поднесување на ДДВ-04 пријавите за овој даночен период, ИТ тимовите на УЈП ќе работат и во попладневните часови. Процесот на поднесување на ДДВ – 04 пријавите се одвива непречено и заклучно со вчерашниот ден, 22 април 2025 година од очекуваните 40.885, вкупно 12.202 даночни обврзници поднеле ДДВ-04 пријави, што претставува близу 30% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ-04 пријави“, влеат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави за овој даночен период, а сè уште не ги поднеле истите, уште денес да ја достават потребната документација до сметководителите со цел до законскиот рок 25 април 2025 година (петок) да ги исполнат своите даночни обврски.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавите не е само законска обврска, туку и клучен фактор за финансиска стабилност и градење на довербата во институциите“, велат од УЈП.
Економија
Извршена исплата од 224.748.332 денара кон 7.826 лица за остварено производство на овошје

Денеска се изврши исплата од 224.748.332,00 денари кон 7.826 лица.
Исплатата како што информираат од Министерството за земјоделство, се однесува на дополнителните директни плаќања за остварено производство на овошје, мерка 1.9 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.8. за остварено производство на овошје од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со следните овошни видови: јаболка, слива, праска, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка, а оствареното производство е предадено на регистриран откупувач, вклучително и произведените овошни култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет или е користено за домашни потреби или е продадено на пазар.
Грижата кон земјоделецот продолжуваме да ја покажуваме на дело, велат од МЗШВ.
Економија
Се намалува цената на мазутот, а на дизелот и на бензините не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,11 % во однос на одлуката од 14.04.2025 година.
Од 23.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,780 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 3,456%, кај екстра лесното масло за 2,637% и кај мазутот зголемувањето е за 2,133%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 3,0273%.