Македонија
(Видео) Стефановски: Заев троши милиони за кондоми во услови на криза
Над 100.000 граѓани го поминуваат денот со 50 денари, немаат ниту за леб, а Заев дава неколку милиони денари за набавка на кондоми и лубриканти, рече денеска во изјава за медиуми Стефан Стефановски, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Набавка на 187.000 кондоми и 50.000 лубриканти на државна сметка во време на огромна сиромаштија и страшна пандемија е класично расипништво и расфрлање со нашите пари. Владата ќе потроши неколку милиони денари за набавка на кондоми и лубриканти, а нема ниту денар за компјутери или брз интернет за децата кои ќе мора наставата да ја следат од дома, а кои дел од нив немаат за компјутери, а дел немаат брз интернет. Но секако тоа не е важно за власта, бидејќи изборите поминаа, а со тоа и потребата да се покаже грижа за народот исто така“, истакна претставникот од подмладокот на партијата.
Според него, Владата е расипничка и воопшто не се грижи за учениците, студентите и граѓаните воопшто.
„40.000 наши сограѓани останаа без работа поради пандемијата од коронавирусот и неспособноста на власта да ги зачува нивните работни места. Тоа се 40.000 граѓани, односно наши родители, браќа, сестри, познаници. Во Македонија имаме 17 илјади заболени од коронавирусот до сега, во ек на пандемија фалеа маски, ракавици и дезинфициенси, а немаше ниту тестови па се примаа донации, а владата дава милиони за кондоми и лубриканти“, обвини Стефановски и порача дека лудилото мора да запре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

