Македонија
(Видео) Кузеска: Политиките на СДСМ спасија работни места и компании, следува четврти пакет антикризни мерки
„Глобалната економско здравствена криза предизвикана од Ковид-19 налага брзи, ефикасни мерки за поддршка на граѓаните, компаниите и спас на работните места. Владата предводена од СДСМ уште во првите недели од прогласувањето на светската пандемијата реагираше со суштински мерки за ублажување на негативните последици врз економијата. Стотици илјади работни места се спасени и обезбедена е помош за десетици илјади компании“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Само преку мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, во месеците април, мај и јуни со 79,5 милиони евра поддржани се околу 120.000 вработени граѓани и околу 20.000 компании.Финансиска поддршка добија и близу 6.000 самостојни вршители на дејности, кои се поддржани со над четири милиони евра во месеците април, мај и јуни годинава.
„Во рамките на мерките за помош за стопанството, со бескаматната кредитна линија Ковид-1, преку Развојната банка, во стопанството се вбризгани финансиски средства од 5 милиони евра кои се доделени на 737 компании, со над 6.509 лица, и тоа од најпогодените сектори: туризмот, угостителството и транспортот на патници, кои беа први на ударот на кризата.Развојната банка пласираше и кредитна линија Ковид-2 во износ од 8 милиони евра, одобрени за 639 домашни компании во кои работат 11.325 лица. Со двете кредитни линии поддржани се над 1.300 домашни компании. Најголем дел од нив се микро претпријатија, кои вработуваат до 10 лица, што значи дека државата во најголем дел застана зад семејните, мали бизниси кои се суштината на економијата“, вели таа.
Според Кузеска, 26.8 милиони евра завршија кај 309.000 граѓани кои добија платежни картички преку мерката „Купувам домашно”, чија цел е истовремено да го поддржи домашното производство и да ја зајакне куповната моќ на граѓаните.
Од нив 16.5 милиони евра наменети за 113.000 невработени граѓани и граѓани кои се приматели на социјална помош, 5.4 милиони евра за 111.000 вработени граѓани со ниски примања, над 4 милиони евра за 81.000 млади граѓани, како и преку 900.000 евра за 4.000 здравствени работници.
„Со цел поддршка на најпогодениот сектор туризам и угостителство, Владата предводена од СДСМ, преку мерката ‘Дома си е дома’ додели ваучери за туризам на 117.000 граѓани во висина од 12 милиони евра, како директна помош. Поддршката за граѓаните и стопанството продолжува. Никој не е сам. Следува четвртиот пакет антикризни мерки чија подготовка е при крај, реализацијата ќе започне во следниот период.Продолжуваме уште повеќе и уште подобро“, додава Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.

