Македонија
(Видео) Нелоски: 11.8 милиони за советник на СДСМ во Град Скопје преку Фондот за иновации
„Фондот за иновации продолжува да иновира нови начини за испумпување на пари од државниот буџет за сметка на фирми блиски до власта. Фирмата „Бригада Дизајн“ ДООЕЛ од Скопје во сопственост на советникот во Град Скопје од СДСМ Бојан Ивановиќ и бизнис партнер на Јани Макрадули доби бизнис од 11.800.000 денари од Фондот за иновации“, изјави Владимир Нелоски, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Заев преку Деспотовски дава 11.800.000 денари за агенцијата која ќе треба да организира настани, односно да обезбедува озвучување, папки, пенкала и други пропратни работи за организација на настан.
„Ова е бизнис од 11.800.000 денари, односно околу 200.000 евра кој власта на Заев преку Јован Деспотовски му ги додели на Бојан Ивановиќ, бизнис партнерот на Јани Макрадули во фирмата „Смарт Агенда“ и советник во Град Скопје од страна на СДСМ.Власта се расфрла додека народот нема за леб.
Ова се документите од договорот помеѓу фирмата на Ивановиќ и Фондот за иновации каде директор е Јован Деспотовски од СДСМ. Од истите се гледа дека договорот е склучен на 21.09.2020 година, со рамковна спогодба, без претходно распишан јавен оглас за набавка на бараната услуга.Кои се критериумите по кои била избрана фирмата на Ивановиќ?! Дали неговото партнерство во друг бизнис со Јани Макрадули е фактор за избор на фирмата за оваа голема зделка?! Или пак фактот што истиот е советник во Град Скопје и близок до Петре Шилегов?! Фондот за иновации и Јован Деспотовски мора да одговорат како и зошто е избрана и фаворизирана фирмата на Ивановиќ?! Како токму бизнис партнерот на Јани Макрадули и советник на СДСМ во Градот Скопје е лицето со чија фирма Фондот за иновации склучил договор за организирање на настани од 11.800.000 денари во четири очи?!.
Да, 11.800.000 денари за настани, и тоа во моментот кога во државата имаме 40.000 деца кои не можат да ја следат наставата затоа што немаат компјутер или пак таблет. Кога имаме над 100.000 луѓе кои живеат со 50 денари на ден. Кога 40.000 луѓе се без работа поради коронавирусот. Кога пензионери од руралните делови на државата не можат да ја добијат нивната пензија во домот затоа што Заев пропадна банка.Ова е расипништвото на власта на дело. Од џебот на граѓаните, на сметка на фирмите и функционерите на власта и нивните пријатели“,додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

