Свет
Силувач на деца казнет со 169 удари со стап паднал после 52, лекари побарале одложување на казната
Осуден силувач на деца бил казенет со удари со стап во индонезискиот град Банда Ацек, каде што владее шеријатскиот закон, сè додека не паднал на земја.
Човекот, кој локалните медиуми го именуваат како Рони, требало да биде удиран со стап 169 пати, но паднал на земја по 52 удара.
Медицинските работници кои биле на извршувањето на казната рекеле дека казнетиот не е во состојба да продолжи, што значи дека следниот пат ќе треба да претрпи уште 117 удари.
Рони веќе издржал шест месеци затворска казна пред да биде камшикуван, а бројот на удари бил намален од 175 на 169, односно по еден за секој месец минат во затвор.
„Откако беше удрен 52 пати, тој имаше модринки на грбот, па ако казнувачите продолжеа, тој можеше да прокрвари. Подобро е казната да се одложи додека не се опорави“, изјавил еден од лекарите.
Рони бил камшикуван заедно со уште петмина осуденици, обвинети за коцкање и казнети со осум удари со стап.
Овој вид на казнување се користи во една од најконзервативните индонезиски провинции и се заснова врз шеријатскиот закон.
Пијанството, прељубата или хомосексуалните односи исто така се казнуваат на овој начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Нашите нафтени компании ќе мора да трошат многу во Венецуела, а потоа да добијат поврат
САД би можеле да ги субвенционираат нафтените компании за обнова на енергетската инфраструктура на Венецуела, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за NBC News.
Трамп, исто така, изјави за NBC дека таков проект би можел да трае помалку од 18 месеци и дека големите нафтени компании ќе мора да „потрошат многу за обнова на венецуелската нафтена индустрија, а потоа да добијат поврат од нас или преку приходи“.
Во интервјуто, тој, исто така, рече дека САД не се во војна со Венецуела и дека Венецуела нема да има нови избори во следните 30 дена.
Администрацијата на претседателот Трамп планира да се сретне со раководителите на американските нафтени компании подоцна оваа недела за да разговараат за зголемување на производството на венецуелска нафта откако американските сили го соборија нејзиниот лидер Николас Мадуро, според извор запознаен со ова прашање.
Трите најголеми американски нафтени компании – Ексон Мобил, КонокоФилипс и Шеврон – сè уште не разговарале со администрацијата за соборувањето на Мадуро, според четири раководители на нафтената индустрија запознаени со ова прашање, што е спротивно на изјавите на Трамп од викендот дека тој веќе имал состаноци со „сите“ американски нафтени компании, и пред и по соборувањето на Мадуро.
„Никој од тие три компании не разговарал со Белата куќа за водење бизнис во Венецуела, пред или по соборувањето до сега“, изјави еден од изворите во понеделник.
Белата куќа не ги коментираше состаноците, но рече дека верува оти американската нафтена индустрија е подготвена да се пресели во Венецуела.
„Сите наши нафтени компании се подготвени и спремни да инвестираат многу во Венецуела за да ја обноват нивната нафтена инфраструктура, која беше уништена од нелегитимниот режим на Мадуро“, изјави портпаролот на Белата куќа, Тејлор Роџерс.
CBS News, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека раководителите на трите најголеми компании ќе се сретнат со министерот за енергетика Крис Рајт во четврток.
Еден извршен директор на нафтената индустрија изјави за Ројтерс дека компаниите би биле неподготвени да разговараат за потенцијални операции во Венецуела во групни услови со Белата куќа, наведувајќи ги антимонополските загрижености што ги ограничуваат колективните дискусии меѓу конкурентите за инвестициските планови, времето и нивоата на производство.
Свет
Синот на Мадуро во парламентот: Америка го киднапираше мојот татко и претседателот на Венецуела
Синот на соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро се обрати пред националното собрание и побара ослободување на неговиот татко.
Николас Мадуро Гера го нарече својот татко „претседател Мадуро“, а неговиот говор беше дочекан со силен аплауз од пратениците.
Синот на Мадуро рече дека Америка ги киднапирала неговиот татко и првата дама на Венецуела, Силија Флорес.
Пратениците повторија дека извршната потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен претседател и се очекува наскоро да положи заклетва.
фото/епа
Свет
Нападот на САД врз Венецуела ја зголеми цената на нафтата
Цената на нафтата се зголеми на меѓународните пазари кон 62 долари, бидејќи трговците беа вознемирени од нападот на САД врз Венецуела.
На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше по цена од 93 центи повисока во попладневните часови во споредба со цената на затворање на крајот од минатата недела, од 61,68 долари. На американскиот пазар, цената се зголеми за 95 центи, на 58,27 долари за барел.
Почетокот на првата недела од 2026 година беше обележан со нападот на САД врз Венецуела.
Во ноќта од петок кон сабота, американските вооружени сили извршија напади врз неколку локации во Венецуела и го заробија претседателот Николас Мадуро.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Вашингтон има намера да „управува“ со Венецуела, ставајќи ја продажбата на венецуелска нафта во преден план.
Венецуела има најголеми докажани резерви на нафта во светот, околу 303 милијарди барели, според податоците од Институтот за енергетика со седиште во Лондон. Во текот на 1970-тите, таа произведувала дури 3,5 милиони барели нафта дневно, што во тоа време претставувало повеќе од седум проценти од светското производство.
Долгогодишните санкции на САД сериозно го попречија развојот на венецуелската нафтена индустрија, па минатата година производството изнесуваше околу 1,1 милион барели дневно, што одговараше само на околу еден процент од светското производство.
Во април, Вашингтон ја продолжи лиценцата на „Шеврон“ за работа во Венецуела, а компанијата сега произведува приближно една четвртина од целата венецуелска нафта.
По заострената блокада на САД и воените напади, Венецуела посочи дека има намера да го намали производството бидејќи нејзините складишта се полни.

