Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Проектот викенд без ДДВ не е истиот тој кој Заев го ветуваше пред избори
„Четвртиот пакет на мерки на мафијата на власт е задоцнет и нема да одговори соодветно на потребите на македонската економија и граѓаните и истиот ќе ја продлабочи тешката состојба во државата.Зоран Заев пред изборите бомбастично најавуваше викенд без ДДВ“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, „тогашните лаги на Заев беа дека во септември месец, секој викенд граѓаните ќе го користат купувајќи, а при тоа ќе биде одземена сумата којашто ќе ја платат како данок на додадена вредност“.
„Септември месец помина, а денеска гледаме како на лажичка повторно на граѓаните им ветува дека тоа всушност нема да бидат четири викенди, туку тоа ќе биде еден викенд и тоа во месец октомври, продолжениот викенд помеѓу 10 и 12-ти октомври и нема тоа да биде без ограничувања како што тоа беше ветувано пред избори, туку тоа ќе биде со ограничување од 30.000 денари.
Нема да биде намалена цената која што ќе платат, туку тие ќе го финансираат данокот на додадена вредност, потоа тие ќе ја скенираат фискалната сметка и доколку сумата не надминува 30.000 денари тогаш ќе чекаат од страна на министерството за финансии да им го врати данокот на додадена вредност“, се вели во соопштението.
„Лажното ветување дадено од Зоран Заев пред избори кое беше помпезно најавено и во третиот сет на таканаречените мерки од страна на Владата за помош за македонските граѓани и македонската економија, а тоа е околу 31 милион евра евтини кредити со субвенционирана каматна стапка од страна на Владата и 30% грант за компании управувани од жени кои вработуваат млади луѓе извозно ориентирани, исто така требаше да се реализира почнувајќи од месец септември, но месец септември помина од оваа мерка ни трага ни глас.
Резултатите од ваквите погрешни политики и лажни ветувања се, историски пад на индустриското производство и извозот, пад на економската активност во вториот квартал, зголемување на јавниот долг за повеќе од една милијарда евра за само еден квартал, раст на невработеноста од 40.000 лица со најава за дополнителни масовни отпуштања, тотален колапс на туризмот и многу затворени бизниси во државата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

