Македонија
МОН: За еден ден, на платформата за учење на далечина се пријавиле над 88 илјади корисници

„Како што беше најавено во текот на вчерашниот ден, кога почнавме со тестирање на Националната платформа за учење на далечина, овој процес е во тек и ќе продолжи интензивно да се одвива и во наредните денови“, соопшти Министерството за образование и наука.
Само во текот на вчерашниот ден на платформата се најавиле над 88.000 активни корисници.
„Тие придонесоа за успешно идентификување и дефинирање на предизвиците што произлегуваат од оптоварување на платформата во оваа фаза на нејзина имплементација. Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани и почната е оптимизација на ресурсите во сите три кластери на сервери (серверите за базите со податоци (database servers); серверите за балансирање при оптоварување (load balancer) и серверите за опслужување на корисниците (web servers)).
Тестирањето продолжува и во текот на денешниот ден. Како резултат на тоа, посочуваме дека е можно повремено да добивате порака за грешка при поврзување со базата (error database connection), што е очекувано во предметната фаза на тестирање“, се наведува во соопштението.
Според МОН, овој процес ќе помогне не само за успешно ставање на платформата во функција, туку и ќе поддржи изградба на интероперабилност помеѓу разните системи во рамките на Министерството за образование и наука, во насока на ефективно следење на секој ученик во текот на целокупниот процес на негово образование.
„Нашата крајна цел е не само да овозможиме континуитет на образовниот процес во вонредни околности, како што е тековниот со пандемијата со Ковид-19, туку да создадеме солидни темели за понатамошно унапредување на квалитетот на целокупниот образовен процес во земјата. Ве охрабруваме да продолжите со поврзување на Националната платформа за учење на далечина и во наредните денови и редовно да ги следите новите содржини што ги поставуваме на главната страница. Продолжуваме посветено да работиме на подобрување на корисничкото искуство на сите корисници на платформата“, додаваат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.