Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата направи целосен колапс на образовниот систем
Надлежните институции втор ден не успеаја да се справат со најголемиот предизвик да се премости дигиталниот јаз во образованието, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа истакна дека Министерството за образование и наука, освен бледото известување дека во тек се тестирања на платформата и дека се надеваат дека ќе се соочат со сите предизвици, останало немо на безбројните критики.
„Поплаките на родителите, на учениците, а и на наставниците се многубрјни. Во овој момент се поставува прашањето дали учебната година воопшто ќе започне на 1 oктомври? Факт е дека следните неколку недели ќе се потрошат на дополнителни обуки. Време за имплементација, време за обуки на кадар, но не и време за пренесување на знаењето на учениците. Покрај безбројните проблеми со кои се соочуват сите, за жал, ќе има и ученици, речиси 40 илјади, кои од разни причини нема да може да пристапат до платформата. За непречено следење на наставата беа наведени потребни спецификации, кои уредот треба да ги поседува. Дополнително, тоа извлекува речиси 20 илјади денари од семeјниот буџет“, изјави Митева.
Како што додаде, на сите отворени прашања, кои предизвикуваат конфузија, националните координатори бараат трпение од учениците, наставниците и од родителите.
Оваа Национална платформа, вели Митева, претставува компилација на веќе постоен систем, но не е функционална.
„По правило, крајниот корисник, учениците и наставниците, не се користат за тест-фаза. Владата на СДСМ носи одлуки базирани на притисок од јавноста, а не врз основа на јасен, концизен и стручен план. Контрадикторноста и промената на одлуки е нивна одлика, но платформи што не функционираат нема да ни донесат резултати“, додаде Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

