Македонија
Сопругата на претседателот домаќин на настанот „Три генерации македонска мода – пренесување знаење“
По иницијатива на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, а во соработка со професори при Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, вчеравечер во Кабинетот на претседателот се одржа настанот „Три генерации македонска мода – пренесување знаење“.
Во своето обраќање до присутните на настанот сопругата на претседателот истакна дека соработката со Технолошко-металуршкиот факултет почна со отворањето на канцеларијата на претседателот Млади Хаб, во која беа изложени креации на млади студенти од овој факултет.
„Понатаму, оваа поддршка продолжува и во тој контекст е и овој денешен настан ‘Три генерации мода’, да се вратиме на почетоците на дизајнот во Северна Македонија, она што се случувало во минатото, моментната состојба, но ќе имаме можност да видиме и кои се перспективите на младите генерации“, истакна Ѓоргиевска.

За работата со студентите по дизајн во изминатите осум години на настанот говореше професорката и дизајнер Лидија Георгиева, а професорката во пензија и костимограф Зорка Тодорова-Младеновиќ ја претстави својата книга „Како да станам моден дизајнер“ и имаше своја презентација за модата во изминатите неколку децении.
Апсолвентите на Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет, Љубица Беќарова и Катерина Димитровска, на присутните гости им презентираа дел од своите креации во склоп на Факултетот со кои се претставија на модни настани и надвор од земјава, а го претставија и сè поактуелниот еколошки момент во дизајнот и грижата за животната средина преку своите креации од рециклиран материјал.
Целта на овој настан, на кој присуствуваа разни генерации љубители и креатори на модата во нашата земја, е да се промовираат младите дизајнери, да им се даде поддршка на развивањето и унапредувањето на македонскиот дизајн, а преку него и заштита на културното наследство и воедно промоција на текстилната индустрија, која има важен удел во развојот на економијата во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

