Свет
Во САД проширена истрагата за безбедноста на вакцината против Ковид-19 на „Астра зенека“
Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) ја прошири истрагата за сериозно заболување во студијата за вакцината против Ковид-19 на „Астра зенека“ и ќе ги разгледа податоците од претходните испитувања на слични вакцини развиени од истите научници, пренесува „Њујорк пост“.
Доцната фаза на големата студија на „Астра зенека“ е во мирување од 6 септември кога на учесник во студијата во Британија му се слошило поради, како пто се верува, ретко воспалително нарушување на ‘рбетниот столб, наречено трансверзен миелитис.
Проширениот опсег на истрагата на ФДА ја зголемува веројатноста за дополнителни одложувања на една од наводно најнапредните кандидати за вакцини против Ковид-19 во развој. Бараните податоци се очекуваше да пристигнат оваа недела по што на ФДА ќе ѝ треба време да ги анализира.
Ефикасните вакцини се сметаат за неопходни за да се помогне во ставање крај на пандемијата, која уби повеќе од еден милион луѓе во светот.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп вети 1,2 милијарда долари за поддршка на развојот на вакцината на „Астра зенека“ и купување 300 милиони дози за САД. Другите водечки компании во трката со вакцини во САД се „Фицер“, „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“.
Регулаторите во Велика Британија, Бразил, Индија и во Јужна Африка ѝ дозволија на „Астра зенека“ да ги продолжи своите клинички испитувања таму.
ФДА, сепак, сака да утврди дали слични несакани ефекти се појавиле во испитувањата на други вакцини дизајнирани од партнерот за вакцини против коронавирус на „Астра зенека“, истражувачите од Универзитетот во Оксфорд. Тоа не значи дека агенцијата верува оти има безбедносни проблеми поврзани со која било од овие вакцини.
„Тоа само покажува дека ФДА е темелна“, рече еден од изворите.
Понатамошно комплицирање на ситуацијата е во фактот што податоците што ги бара ФДА се во поинаков формат од оној што го бара регулаторот на САД.
ФДА одби да ги коментира дискусиите поврзани со експериментален производ. „Оксфорд“ не одговори на барањата за коментар“, истакна „Астра зенека“ во изјавата.
„Ние продолжуваме да соработуваме со ФДА за да го олесниме прегледот на информациите потребни за да донесат одлука за продолжување на тестирањата во САД“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелска компанија: Претставник на крадеците од Лувр нè контактираше и ни понуди накит
Израелска безбедносна компанија соопшти дека ја контактирале крадците кои стојат зад кражбата на накитот од Лувр, нудејќи тајни преговори за продажба на украдените предмети преку „даркнет“.
Компанијата CGI Group тврди дека управата на Лувр ја игнорирала понудата, иако крадците доставиле очигледен доказ дека поседуваат дел од украдените драгоцености. Тие побарале десетици милиони евра за накитот, проценет на 88 милиони евра.
Извршниот директор на компанијата, Цвика Навех, изјави дека пет дена по кражбата (19 октомври) добиле шифрирана порака од лице кое тврдело дека ги претставува крадците: „Ни понудија преговори на даркнет за откуп на накитот, со рок од само 24 часа,“ рече Навех.
Според него, компанијата водела неколку шифрирани разговори со претставникот на крадците и добила индикации дека навистина поседуваат дел од предметите.
„Беа во бегство и морале брзо да се ослободат од пленот“, додаде тој.
Навех преку посредник се обидел да ја извести управата на Лувр, но вели дека тие шест дена не реагирале: „Го изгубивме кредибилитетот кај крадците, а Лувр ја пропушти вистинската шанса да го врати накитот. За жал, изгледа дека егоизмот и двоумењето ја одиграа својата улога.“
Тој потсетува дека уште пред неколку месеци во интервју за италијанскиот весник „Ил Темпо“ предупредил на дискусии на даркнет што упатувале на планови за грабеж во музејот.
Некои извештаи наведуваат дека CGI Group учествува во истрагата, но од Лувр негираат дека имале директен контакт со компанијата. Тие велат дека комуникацијата најверојатно се одвивала преку италијанската подружница, која можеби ја ангажирала осигурителна фирма поврзана со музејот.
Во кражбата крадците провалиле во една од најраскошните сали на Лувр и побегнале со кралски накит, меѓу кој се наоѓа смарагдно-дијамантска огрлица што Наполеон I ѝ ја подарил на својата сопруга Марија Лујза, како и тијара со 212 бисери и речиси 2.000 дијаманти што ѝ припаѓала на царицата Евгенија.
Досега се уапсени неколку лица, но украдениот накит сè уште не е пронајден.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Свет
Слаб одѕив на светските лидери за климатскиот самит во Бразил, САД без претставник
На климатскиот самит што следната недела ќе се одржи во бразилскиот град Белем, досега учество потврдиле 57 шефови на држави и влади, што е значително помал број во споредба со минатогодишниот COP29 во Азербејџан, на кој присуствуваа 75 лидери, јави Хина.
САД нема да испратат претставници поради повлекувањето од Парискиот договор, додека Кина ќе ја претставува потпретседателот Динг Сјуејсианг. Присуство потврдиле францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, како и лидерите на Колумбија и Либерија.
Самитот, кој ќе се одржи на 6 и 7 ноември, е подготвителен настан пред конференцијата COP30 (10–21 ноември). Бразилскиот претседател Лула да Силва инсистираше конференцијата да се одржи во Амазонија, симболично нагласувајќи ја нејзината улога во борбата против климатските промени.
Организаторите наведуваат дека ограничениот хотелски капацитет и високите трошоци во Белем создаваат логистички предизвик за очекуваните 50.000 учесници.

