Регион
Во Словенија рекорден број новозаболени од коронавирус, можно е ново целосно затворање
Во Словенија се потврдени 238 новозаболени од коронавирус од 3.281 тестиран примерок во последните 24 часа, а двајца пациенти со Ковид-19 починале, објави словенечката влада.
Тоа е 17 повеќе од претходниот ден и е нов рекорден број на дневни инфекции по потврдените 203 нови случаи со спроведувањето 3.391 тест во вторникот.
Во моментот 86 лица се хоспитализирани поради Ковид-19, од кои 15 пациенти се на одделенијата за интензивна нега, покажуваат новите податоци на Министерството за здравство.
Во последните 14 дена во Словенија се потврдени 1.812 случаи на зараза од коронавирус.
Ваквиот развој на вториот бран на епидемијата ги загрижува словенечките епидемиолози, а оваа недела владата објави изработка на план за тоа како да се дејствува во иднина доколку епидемиолошката состојба не се смири набргу.
Владиниот портпарол Јелко Кацин овие денови ги најави мерките што ќе ги преземе во екстремна ситуација доколку таа не се смири набргу и доколку капацитетите на болницата бидат преоптоварени со хоспитализирани поради Ковид-19. Кацин рече дека ќе се разгледа повторното затворање на движењата на границите на општините или регионите, како што беше пролетоска во првиот бран, иако премиерот Јанез Јанша тврди дека ситуацијата сепак може да се контролира доколку сите се придржуваат до епидемиолошките мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

