Македонија
(Видео) Во Охрид казнети 60 возачи за еден час

За еден час во денешната акциска контрола во Охрид биле изречени 60 санкции, пред се’ за пречекорена брзина, за нерегистрирани возила и возење без возачка дозвола, истакна портпаролот на МВР Тони Ангеловски во Охрид.
„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата“, рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Охрид да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Тој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Охрид ќе бидат презентирани утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најстудено утрово на Попова Шапка, најмногу снег во Крушево

Утрово најстудено било на Попова Шапка каде што се измерени -12 степени, -7 било во Маврови Анови и Крушево, -6 во Охрид, -5 во Тетово и Претор, -4 во Битола и Берово, -3 во Крива Паланка, -2 во Прилеп и Виница, -1 во Куманово и Штип, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Струмица, 1 во Велес и Демир Капија, 2 во Кавадарци, 4 во Гевгелија.
Наврнат воден талог во изминатите 24 часа до 8 часот (во l/m2)
22 Пожаране, 21 Крушево, 19 Охрид, Маврови Анови, 15 Тетово, 14 Битола, 13 Претор, 10 Попова Шапка, 6 Виница, 5 Прилеп, 4 Берово, 3 Крива Паланка, 2 Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, 1 Штип, Демир Капија, Струмица.
Висина на снежна покривка во 08 часот (во сm)
24 Крушево, 22 Битола, 18 Охрид, 14 Маврови Анови, 12 Попова Шапка, 7 Претор, 5 Тетово, 4 Берово, 1 Прилеп.
Времето денеска
Променливо облачно, ветровито и студено, претпладне наместа ќе има услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 70 km/h), особено долж Повардарието.
Дневната температура ќе биде во интервал од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, ветровито и студено. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Дневната температура ќе достигне до 8 степени.
Македонија
„Значително се зголемија платите на вработените во здравството, 4.815 денари за сите здравствени работници, за медицинските сестри 6.200 денари“, велат од Владата

Владата известува дека „значително се зголемени платите на здравствените работници, медицински сестри, техничари и административен персонал“.
„Првото покачување беше со октомвриската плата во 2024 година, а со мартовската плата исплатена на април за сите вработени во јавниот здравствен сектор се зголеми за 2.500 денари.
За само шест месеци од Владата платите во здравството достигна зголемување од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, додека за медицинските сестри изнесува дури 6.200 денари.
Со ова покажавме дека се враќа достоинството на докторите и медицинските сестри кои се чувари на здравјето на граѓаните“, велат од Владата.
„Наша цел е подобрување на здравствените услуги и здравствената заштита на пациентите.
Преку дијалог со здравствените синдикати постигнавме историски договор за покачување на платите во здравството во следните четири години да достигне дури 50 проценти.
Со работа, труд и реформи носиме резултати кои значат поголема мотивација, посветеност, стабилност и квалитет во здравството.
Владата продолжува да работи во интерес на сите граѓани и конечно враќање на довербата на граѓаните во јавните здравствени услуги“, се наведува во соопштението на Владата.
Македонија
Изречени 18 прекршоци за непочитување на правилата за пловење во Охридското Езеро

Осумнаесет прекршоци за неисправност и непочитување на правилата за пловење изрече Капетанија на пристаништа, по засилените контроли во Охридското Езеро.
По извршените редовни и вонредни контроли над пловилата, констатирани се прекршоци во делот на ноќно пловење како и претовар на патници, истакнаа од Капетанија на пристаништата.
„Направени се три редовни надзори на бродови, четири вонредни надзори на катамарани, два вонредни надзори на пасари со надградба-тоа се бродови до 12 патници, како и 19 вонредни надзори на кајчиња. Од извршените вкупни надзори констатирани се 18 прекршоци на чамци и тоа за ноќно пловење, непоседување уверение за управувач на чамец, неистакната регистарска ознака и еден катамаран е казнет за претовар на патници. Во следните месеци, а посебно во летниот период најавуваме зголемени инспекциските надзори во соработка со езерската полиција. Уште еден апел до сите учесници во внатрешната пловидба, навремено да си ги регистрираат своите чамци да ги извршуваат обврските на пловилата и да се придржуваат до правилата и мерките за безбедна пловидба”, изјави Илија Арнаудоски капетан во Капетанија на пристаништа.