Свет
(Видео) Античка гробница полна со саркофази е пронајдена во Египет
Египетскиот министер за туризам и антиквитет ја информираше јавноста дека археолозите откриле десетици антички саркофази во голема гробница јужно од Каиро.
Калид ал-Анани рече дека се пронајдени најмалку 59 запечатени саркофази со мумии. Се проценува дека повеќето од нив биле погребани на три локации пред повеќе од 2.600 години.
„Мислам дека ова е почеток на големо откритие“, рече ал-Анани, додавајќи дека во истата област постојат уште саркофази кои не се ископани.
Privileged to attend the opening of a recently unearthed #sarcophagi in an #ancient #Egyptian city of the dead in #Saqqara. A credit to the Minister of Tourism & Antiquities HE Khaled El Anany & everyone else involved in an amazing dig. ??#Egypt #Archaeology pic.twitter.com/IgsYCekJFz
— Glenn Miles ???? (@AusAmbEgy) October 3, 2020
Првичните студии укажуваат дека пронајдените саркофази биле украсени на таков начин што покажува дека тие биле наменети за припадници на елитниот слој на општеството во тоа време.
Археолозите пронашле и вкупно 28 статуетки oд божеството Птах Сокер и прекрасно издлабена бронзена статуа на божеството Нефертум, висока 35 сантиметри, обложена со скапоцени камења. Името на сопственикот, свештеникот Бади Амун, билло напишано врз основата на статуата, рече Вазири.

Властите открија голем број ковчези минатиот месец, кога археолозите пронајдоа 13 гробници на новооткриената локација на длабочина од 11 метри, пишува АП.
Локалитетот Сакара е дел од некрополата на античката египетска престолнина Мемфис, која ги вклучува познатите пирамиди во Гиза.


Урнатините на Мемфис беа прогласени за светско наследство на УНЕСКО во 1970-тите.
Ел-Анани рече дека ковчезите од Сакара ќе се придружат на колекцијата на уште 30 антички дрвени ковчези откриени во Луксор и ќе бидат изложени во новиот Голем египетски музеј, кој се гради во близина на пирамидите во Гиза.
Откритието од Сакара е последно во низата археолошки откритија направени во Египет во обид да заживее клучниот туристички сектор, кој беше тешко погоден од политичките превирања, но и од пандемија на коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, велат западните челници
Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, се согласија челниците на 11 земји и ЕУ во заедничка изјава по состанокот на маргините на самитот Г20 во Јоханесбург.
Тие сметаат дека нацртoт на американскиот мировен план за Украина претставува основа за понатамошна разработка, но дека поединечни точки, вклучувајќи ги предложените ограничувања за украинските вооружени сили, предизвикуваат сериозна загриженост.
Во изјавата стои дека нацрт-планот од 28 точки е темел кој бара дополнителна работа, а челниците истовремено изразуваат загриженост поради предложеното ограничување на украинските вооружени сили, што би ја направило Украина ранлива на идни напади.
Декларацијата ја потпишаа во име на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александар Стуб, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерите Марк Карни од Канада, Михал Мартин од Ирска, Џорџа Мелони од Италија, Санае Такаичи од Јапонија, Дик Схоф од Холандија, Педро Санчез од Шпанија, Кир Стармер од Обединетото Кралство и Јонас Гар Сторе од Норвешка.
Во изјавата се признава дека американскиот предлог вклучува важни елементи што ќе бидат клучни за праведен и траен мир. Но повторуваат дека „се јасни во принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила“.
Потсетуваат и дека елементите од планот кои се однесуваат на ЕУ и НАТО бараат согласност од членките на ЕУ и НАТО и додаваат дека имаат намера да продолжат со тесната координација со Украина и САД во наредните денови.
Американскиот план во Киев се гледа со голема загриженост затоа што содржи неколку клучни руски барања: Украина се откажува од дел од територијата, прифаќа намалување на големината на својата армија и се откажува од членството во НАТО.
Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени подрачја.
Од друга страна, Украина би добила западни безбедносни гаранции за спречување на идни руски напади.
Планот предвидува и огромен глобален пакет мерки за Украина веднаш да започне со обновата на разурнатата земја, вклучувајќи основање на Украински фонд за развој со цел инвестирање во брзорастечки индустрии, меѓу кои технологија, дата-центри и вештачка интелигенција.
Свет
Европските земји, САД и украинските претставници утре ќе разговараат во Женева
Претставници на европските држави утре во Женева ќе разговараат со американски и украински претставници за американскиот мировен план за Украина, изјавил извор од германската влада за dpa. Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ дал рок на Украина до четврток да одговори на предлогот со 28 точки.
Нацрт-планот, кој протече во медиумите и во четврток беше официјално претставен на Киев, предизвика загриженост затоа што предвидува широки територијални и воени отстапки кон Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски именуваше преговарачка делегација, со Андриј Јермак како главен преговарач. Во деветчлената група е и Кирило Буданов, шеф на воената разузнавачка служба.
Зеленски изјави дека планот ја остава Украина пред „многу тежок избор: или губење на достоинството или ризик од губење на клучниот партнер“ – мислејќи на САД, кои обезбедуваат оружје и разузнавачка поддршка.
Украински високи претставници во наредните денови треба да се сретнат со американска делегација во Швајцарија за да разговараат за планот, но точниот термин и локација не се прецизирани.
Свет
Вооружени лица киднапираа повеќе од 300 ученици и 12 наставници од католичко училиште во Нигерија
Бројот на киднапираните ученици и наставници од католичкиот интернат „Света Марија“ во сојузната држава Нигер во Нигерија порасна на повеќе од 300 ученици и 12 наставници, соопшти Христијанската организација на Нигерија (ЦАН), пренесе АП.
Според соопштението на претседателот на огранокот на ЦАН во државата Нигер, Булус Даува Јохана, бројките се ажурирани по конечната проверка на евиденцијата. Претходно беше објавено дека се киднапирани 215 ученици и 12 наставници.
Интернатот, кој го посетуваат деца од 7 до 17 години, се наоѓа близу главниот пат меѓу Јелва и Моква. ЦАН соопшти дека училиштето повторно почнало со работа без известување на надлежните, со што ги изложило учениците и персоналот на ризик.
Католичката бискупија Контогора информираше дека еден службеник за обезбедување бил тешко ранет во нападот.

