Македонија
Проект на македонски лекари вклучен во глобалната борба за справување со коронавирусот
Научноистражувачки проект во областа на Ковид-19 на Унивeрзитетската клиника за хематологија – Скопје предводен од проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис, е одобрен и избран да биде финасиран во следните две години од Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија (ICGEB) во Трст, Италија.
Проектот е избран во конкуренција од 38 меѓународни поднесоци.
Од Клиниката информираат дека се работи за заеднички проект подготвен во соработка со еминентни експерти, академик д-р Димитар Ефремов, кој раководи со Одделот за молекуларна хематологија во ICGEB), д-р Милена Стефановиќ и д-р Илир Демири од ЈЗУ Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, академик д-р Александар Димовски од Центарот за генетски инжењеринг и биотехнологија од Македонската академија за наука и уметности (МАНУ) и министерот за здравство, Венко Филипче.
„Ковид-19 е болест која има неколку фази, а секоја фаза има свои специфики и бара различен тип на интервенција. Цели на нашите истражувања се да утврдиме зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со инфекцијата од коронавирусот во почетните фази, дали може да се предвиди текот на болеста и дали евентуално би можело да се интервенира за да се превенира тежок облик или несакан исход од истата. За таа цел ќе испитуваме два сегмента од имуниот систем. Едниот се таканаречените природни антитела, тоа се вид антитела кои се во состојба да неутрализираат различни вируси и кои имуниот систем ги произведува независно од претходни инфекции или вакцинации, а вториот сегмент се цитотоксичните Т лимфоцити“, соопштија од Клиниката.
Од таму велат дека очекуваат резултатите од спроведените анализи да имаат улога во добивање подлабока слика за имунолошкиот одговор на секој од пациентите со Ковид-19 поединечно, со што би било можно и дизајнирање на индивудализиран тераписки пристап за секој пациент.
„Овој меѓународно поддржан проект ни дава шанса да се вклучиме во глобалната научна борба за справување со пандемијата Ковид-19 и покажува дека во мала земја како нашата е препознат потенцијал за научноистражувачка работа“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Македонија
Градот Скопје обезбедува сопствен стан, шелтер центар за заштита на жртвите од родово базирано насилство
На денешната седница на Советот на град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Овој простор ќе овозможи итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот веќе ги подготви сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.

