Македонија
Премиерот Заев и министерката Царовска на настан на УНИЦЕФ по повод Светскиот ден на наставникот
Премиерот Зоран Заев заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска, со претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, и со наставничката Александра Блажевска од ОУ „Јан Амос Кoменски“, како претставничка на наставниците, учествуваа на промотивниот настан на кампањата „Наставниците се важни – Учиме од вас. Ви благодариме!“, по повод Светскиот ден на наставникот кој се одбележува денеска.
Настанот беше отворен со инсталација со „училишни ранци“ за да им оддадат признание и да им покажат благодарност на наставниците за клучната улога што ја имаат во обезбедување квалитетно образование и поддршка на децата при исполнување на нивниот потенцијал.
Инсталацијата е поставена неколку дена по почетокот на учебната 2020/2021 година. Преку неа се оддава признание за придонесот што наставниците го даваат за учењето од далечина и за повторното отворање на училиштата, но нејзината главна цел е и да се уважи пресудната улога на наставниците во општеството.
„Најискрено и од сè срце им се придружувам на пораките што учениците од нашата земја ги креираа и ги испраќаат до нивните наставници преку инсталацијата од училишни ранци, во форма на срце. Се придружувам на пораките на благодарност на учениците до наставниците за нивната искрена и топла посветеност, за нивната страст и креативност да им ги пренесат на учениците знаењата и вештините, и за нивните совети и примери во изградбата на генерации и генерации ученици кои стануваат важни учесници во процесите за создавање подобро општество за сите нас. Оваа школска година е различна од сите претходни“, рече премиерот Заев и додаде дека поради пандемијата од Ковид-19 оваа година образовниот процес во училиштата ќе се спроведува заедно со мерките за заштита на здравјето на децата и на наставниците.
Поголем дел од наставните програми за повеќе генерации ќе се организираат онлајн.
„Министерството за образование и наука, и сите одговорни во Владата, се во секојдневен контакт со наставници, директори, ученици, родители, со цел, заедно да ја направиме новата образовна интернет платформа попријателска. Да ги вклучи сите деца со еднаков пристап. Она што ни дава надеж е неверојатната посветеност на наставниците, нивните заложби, ентузијазам, чувство на општествена одговорност и покажаниот интерес за учество обуките, со желба да им обезбедат на своите ученици образование какво што заслужуваат. Да направат сѐ што треба за да им го надоместат на учениците присуството и дружбата во училниците. За таа своја посветеност, тие навистина ја заслужуваат нашата целосна почит“, рече Заев.
Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека секој од нас има наставник или наставничка коишто биле инспирација и мотивација да го научиме невозможното. Затоа им оддадеме признание и почит со огромна благодарност.
„Како Влада имаме обврска и долг да создаваме услови за подобро образование. Но, само со вас и вашата грижа за децата ние ќе бидеме чекор поблиску до остварување на оваа цел. Вие, деновиве потврдивте дека сме на тој пат. Светот денес го одбележува 5 Октомври под едно мото: Наставници – водачи во кризата и ресоздавачи на иднината. Јас навистина верувам во вашата моќ и сигурна сум дека тоа ќе биде нашата стварност. Вие сте наша национална сила и гордост”, рече Царовска.
Инсталацијата „училишен ранец“ ќе биде поставена на градскиот плоштад во Скопје три дена, овозможувајќи им на посетителите да се вклучат со свои пораки за наставниците. Иницијативата е дел од кампањата „Учиме од вас. Ви благодариме!“ којашто Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ ќе ја спроведуваат во текот на учебната 2020/2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител
Со поддршка од 89 пратеници, Собранието денеска во рамки на 65. седница го избра Фатон Сељами од Тетово за нов Народен правобранител.
Против неговиот избор гласаа шест пратеници, а од вкупниот број пратеници што доаѓаат од заедници кои не се мнозинство, 28 беа „за“, додека осум гласаа „против“.
Сељами има завршено Правен факултет на Универзитетот во Тетово и постдипломски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на народниот правобранител во Скопје. Во 2018 година Сељами бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда.
Тој доаѓа на местото на Насер Зибер, кој на 12 јули 2025 година ги исполни условите за старосна пензија.
Македонија
Муцунски на министерски состанок во Истанбул: За справување со закани потребна е засилена координација и размена на информации во регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Истанбул, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на реалистичен и резултатски ориентиран пристап кон регионалната соработка, нагласувајќи дека стабилноста не е стекната, туку се гради преку јасни интереси, практична соработка и конкретни резултати што граѓаните ги чувствуваат во секојдневниот живот. Тој потенцираше дека во услови на зголемена глобална фрагментација, конкурентност и безбедносни предизвици, земјите од Западен Балкан треба да ја претворат својата географија во предност, а политиката во мерливи исходи.
Министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на Република Турција како сосед, сојузник во НАТО, важен економски партнер и стратешки мост, оценувајќи дека Балканската платформа за мир претставува корисен механизам за претворање на дијалогот во конкретни активности. Во тој контекст, тој предложи јасна и остварлива агенда за продлабочување на соработката меѓу Турција и земјите од Западен Балкан, со фокус на економската и инвестициската поврзаност, енергетската безбедност, подобрувањето на транспортната и трговската инфраструктура, како и задржувањето на младите и квалификуваната работна сила во регионот.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на регионалната безбедносна соработка, вклучително и справувањето со современите закани како организираниот криминал, сајбер-нападите, дезинформациите и насилниот екстремизам, при што беше нагласена потребата од засилена координација, заеднички обуки и размена на информации.
Министерот Муцунски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена активно да придонесе кон оваа агенда, преку инвестирање во енергетска диверзификација, унапредување на регионалната поврзаност, јакнење на безбедносните партнерства и континуирана посветеност на дијалогот и добрососедските односи. Во завршницата на обраќањето, тој нагласи дека кредибилитетот на Платформата треба да се мери преку конкретни резултати, јасно дефинирани активности, носители и рокови, оценувајќи дека во актуелната деценија довербата нема да се гради врз основа на намери, туку врз основа на испорачани резултати.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба
На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јованка Тренчевска.
Според неа, меѓу одбиените предлози било и враќањето на членот 353 – злоупотреба на службена положба и овластување – на формулацијата што важеше пред измените во 2023 година. „Без силен член 353, тендерската коалиција слободно ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност“, рече Тренчевска.
СДСМ предложиле и бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат преку криминал, но и тоа било одбиено.
„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, порача Тренчевска.
Дополнително, биле одбиени и амандмани за воведување строги правила за функционирањето на системот „Безбеден град“, односно автоматско бришење на дигитални снимки по 48 часа и пристап само со судски налог. Како што рече Тренчевска, со тоа останува простор за злоупотреби и притисоци од страна на МВР.
Одбиени биле и предлози за драстично зголемување на казните за организиран криминал, проширување на условите за конфискација на имот, како и засилена правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.
„Ова е уште една потврда за грабежот на државни пари преку криминални тендери. Правда нема, има обид за спас од одговорност. Но одговорност ќе има – кога-тогаш“, изјави Тренчевска.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денес реагираше на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.
„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.
На 6 септември 2023 преку ноќ, за време на Владата на СДСМ, беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.

