Македонија
(Видео) Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на постапката за ДУП во Расадник
„Во интерес на вистината, денес, како советничка група, ја свикавме оваа прес-конференција. Денес, како Совет, имавме продолжение на 43. седница на советот кога претходно на наше барање и со нашето напуштање на Советот, минатата седница беше прекината бидејќи мнозинството од страна на СДСМ не сакаше да одобри изгласување на предлог-точка од наша страна, а тоа е повлекување на предлог-постапката за ДУП-от за Расадник и условување на градоначалникот да почне нова постапка, во која јавно и транспарентно ќе се вклучат сите општествени фактори, ќе се вклучиме ние како советници, ќе се вклучат другите советници од СДСМ од своите редови, но, пред сè, ќе се вклучат и граѓаните во Расадник“, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние како советничка група секогаш сме во дослух со граѓаните, како советничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ и секогаш работиме исклучиво во интерес на граѓаните на општина Кисела Вода. Ние никогаш не сме биле против интересот на нашите сограѓани овде. Напротив, ние работиме во насока да ги заштитиме нивните интереси, на огромна група граѓани од Расадник што знаат со каков проблем би се соочиле. Би се соочиле со нови 30.000 жители таму, би се соочиле со една бетонизација на таа површина во Расадник, би се соочиле со 5.000 нови возила на таа површина сè со цел некои поединци да профитираат од сето тоа. Дојдоа, пристапија кон нас и ние во таа насока побаравме од страна на градоначалникот да запре оваа постапка и да почнеме нова постапка, со која би ги слушнале граѓаните и, секако, не би дозволиле бетонизација на населбата Расадник“, додаде тој.
Советничката група повторно побара да ни се овозможи и тајно гласање во однос на оваа точка.
„Градоначалникот знае дека во услови на тајно гласање нема да може да ги притиска советниците од своите редови бидејќи изминатиот од неколку дена имаше и такви од нивна страна советници што пријдоа и до мене како координатор на советничката група од ВМРО-ДПМНЕ, но и до другите советници и тврдат дека не се согласуваат со сето ова лудило што го планира Темелковски на тој простор во Расадник, побаравме тајно да се гласа. Филип Темелковски не дозволи тајно гласање, што значи на нас како советничка група елементарното право, правото на глас денеска ни беше оневозможено“, додаде тој.
Ѓорѓиевски вели дека не се против нови атмосферски и фекални канализации, кои исто така не се градат изминативе три години, не се против интересите на нашите сограѓани, туку се против градежната мафија која сака речиси сто нови згради да донесе на слободната површина во населба Расадник.
„Мораме да работиме во интерес на граѓаните и токму поради таа причина, а дополнително и со тоа што нам ни беше оневозможено основното човеково право правото на глас денеска да го оствариме како советници избрани од над шеснаесет илјади жители овде во Кисела Вода, ја напуштивме и денешната седница. Советот продолжи да функционира насилно, со тоа што се повикуваат на некоја си одлука од страна на Министерството, не е одлука – тоа е укажување од страна на Министерството за локална самоуправа, каде што дванаесеттиот советник, без верификуван мандат, има право да присуствува, да прави кворум, но нема право да одлучува на седница на Советот. Ние таа одлука и ова грубо кршење на човековите права на сите граѓани овде во Кисела Вода ќе го оспориме и до Уставниот суд. Нема да запреме овде и нема да се повлечеме сè додека не се задоволат потребите на граѓаните во населба Расадник и во целата општина Кисела Вода“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Македонија
Променливо облачно со засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Во утринските часови, во повисоките предели на северозападот можно е краткотрајно провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Минималната температура ќе се движи од -4 до 4 степени, додека максималната дневна ќе биде меѓу 5 и 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со кратки сончеви периоди. Северниот ветер на моменти ќе засилува, особено во одредени делови од котлината. Утринската температура ќе се спушти до 2 степени, а дневната ќе достигне до 11 степени.
Во текот на новата седмица се очекува стабилно време. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, претежно во североисточните делови од земјата, се можни повремени локални врнежи од дожд. Утрaта ќе бидат постудени, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.

