Црна хроника
22-годишник ограбил три жени во центарот на Скопје

Скопското основно јавно обвинителство покрена истрага против 22-годишник поради сомнение дека сторил кривично дело разбојништво и две кривични дела – тешка кражба.
Осомничениот на 26 септември на улица Алжирска, со употреба на сила одзел предмети од една оштетена. Тој влегол низ влезната врата на куќата на оштетената, се нафрлил врз неа, ја оттурнал и одзел чанта во која имало пари, картички и други документи, со вкупна вредност од 9.000 денари. На излегување, повторно ја турнал оштетената и го напуштил местото на настанот.
Истиот ден, на пешачка патека на улицата Теодосиј Гологанов осомничениот на дрзок начин одзел две синџирчиња од една оштетена – златно синџирче со приврзок во вредност од 6.500 денари и едно синџирче бижутерија вредно 2.000 денари. На разминување по патеката, тој со раката насилно и ги грабнал синџирчињата коишто оштетената ги носела околу вратот и избегал.
На 30. септември, на автобуска постојка на булеварот „Партизански одреди осомничениот на дрзок начин одзел златно синџирче вредно 30.000 денари, така што насилно го грабнал од вратот на оштетената и го напуштил местото.
Надлежниот јавен обвинител доставил предлог до Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Жител на Кочани пронајден мртов во Љубљана, од МНР велат дека случајот го истражува полицијата

До македонската амбасада во Љубљана е доставено известување дека во текот на ноќта на 2 октомври, животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани, соопшти Министерството за надворешни работи.
Од таму велат дека согласно информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се веќе известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката“, велат од МНР.
Словенечки медиуми објавија дека 38-годишен маж од Северна Македонија починал во центарот на Љубљана и дека причината за смртта сè уште не е разјаснета.
Словенечкиот портал 24.ur.com објави дека неговото тело е пронајдено во четвртокот во раните утрински часови, а според неофицијални информации, тој бил претепан до смрт, што полицијата не го потврдила.
„Полициските службеници извршија увид на местото на настанот, наредена е обдукција, а причината за смртта сè уште не е утврдена. Во тек е интензивна кривична истрага. Надлежното државно обвинителство ќе биде информирано за сите наоди“, изјави портпаролката на полицијата.
Полицијата, исто така, не ги потврди наводите дека починатиот маж е пронајден на Метелкова.
Црна хроника
Дрска кражба на мобилен телефон, поведена постапка против сторителот

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 40-годишник за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело – Тешка кражба на дрзок начин, согласно член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 4 октомври во вечерните часови, спроти катна гаража на улицата „Мирче Ацев“ забележал две лица од Валандово додека влегувале во такси возило.
Им пришол од зад грб и насилно им ја отворил вратата, а потоа со клоци го удрил едниот оштетен во нозете, така што на оштетениот му испаднал мобилниот телефон. Осомничениот го одзел телефонот и се дал во бегство, стекнувајќи се со противправна имотна корист во износ од околу 6.360 денари.
Поради ризикот од бегство и околностите кои укажуваат на можноста осомничениот да го повторува делото, особено имајќи предвид дека претходно повеќепати е осудуван за кривични дела против имотот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Црна хроника
Две лица од Брвеница осомничени за илегална трговија со кокаин

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца жители на Брвеница, за кои постои сомнение дека биле соизвршители во кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 4 октомври, околу 2 часот по полноќ, осомничените пренесувале вкупно 110,31 грама наркотична дрога кокаин. Нивниот автомобил БМВ полицијата го забележала на автопатот Тетово-Гостивар, во непосредна близина на клучката за Брвеница, и бидејќи се движеле нестабилно, со цик цак движења, полициските службеници им дале сигнал да застанат. Кога подзапреле, едниот осомничен се обидел од под совозачкото седиште да исфрли ќеса со дрога, но полицајците го спречиле во намерата. Освен дрогата, кај осомничените била пронајдена и дигитална вага со траги од кокаин и поголема сума парични средства, односно 206 000 денари и 1150 евра во различни апоени, кои поради сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на дрога привремено се одземени.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово поднесе предлог за определување мерка притвор за едниот осомничен, додека за другиот се предложени мерки на претпазливост.