Култура
Скопски џез-фестивал од 14 до 17 октомври во Националната опера и балет

Годинешниот 39-ти по ред Скопски џез-фестивал ќе се одржи во својот стандарден термин, од 14 до 17 октомври.
Познати изведувачки имиња од Европа и Македонија ќе одржат концерти во живо во салата на Националната опера и балет.
Фестивалот ќе го отвори, премиерно кај нас, дуетот на двете балкански ѕвезди Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов. Од Македонија ќе учествуваат: специјалниот фестивалски проект на Тони Китановски и неговиот „мал биг-бенд“, потоа триото на Сашо Поповски со концертна промоција на новиот албум, како и сосема новата формација на Светлост + Одрон ритуал оркестра.
Од Шпанија доаѓаат водечкиот фламенко гитарист Чикуело и не помалку реномираниот пијанист Марко Мезкида, од Австрија култните Радиан, од Хрватска пијанистот Матија Дедиќ, кој ќе одржи соло рецитал со музиката на неговиот славен татко, а фестивалот ќе го затворат легендарните француски браќа Стефан и Лајонел Белмондо со својот квинтет.
Со цел одржување на традиционалните врски на фестивалот со американските и норвешките џез-музичари, кои овој пат не можат да патуваат вон своите земји, потврден е онлајн стриминг на три ексклузивни концерти што ќе се случат во Њујорк и Осло, специјално за Скопскиот џез-фестивал: триото на Вилијам Паркер, со Ава Мендоза и Џералд Кливер, дуетот Крис Дејвис / Ингрид Лауброк и големиот ансамбл на Тригве
Сеим.
Бесплатен онлајн стриминг ќе биде обезбеден за следење на сите концерти на фестивалот што ќе овозможи негова достапност во целиот свет.
Фестивалот ќе се реализира во согласност со протоколот за одржување концерти во затворен простор, што практично значи дека во салата на Националната опера и балет ќе бидат дозволени само 220 седишта. Притоа, обезбеден е, за првпат, директен телевизиски пренос на сите концерти на националниот сервис на Македонската телевизија, што, пак, ќе го направи фестивалот достапен на целата публика во земјата.
Сите детали за програмата на фестивалот и изведувачите се наоѓаат на веб-страницата
www.skopjejazzfest.com.mk. Влезните билети за фестивалот ќе се продаваат само онлајн, почнувајќи овој вторник, преку продажната мрежа на mktickets.mk/, а билетарницата на НОБ ќе биде отворена исклучиво за време на фестивалските вечери, и тоа само во случај доколку останале непродадени билети за конкретната вечер.
Програмата на фестивалот годинава опфаќа и промоција на две нови ЦД-изданија на SJF Records: петтата албумска објава на Сашо Поповски Трио и првенецот на групата Next To Silence. Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Ансамблот „Орце Николов“ на Скопско лето

Вечерва, 07.07.2025г. (понеделник) со почеток во 20:30 часот на Колонадата пред платото на Национална опера и балет ќе се одржи концерт на Ансамблот на народни песни и игри „Орце Николов“.
Концертот е насловен „Оро Орце“ по повод 80 години постоење на Ансамблот.
Влезот е слободен.
Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.
Култура
Македонската анимација стигна до Уругвај: „Јон Вардар против галаксијата“ на фестивал во Монтевидео

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е официјално селектиран на 11. издание на Светскиот филмски фестивал во Монтевидео, кој ќе се одржи од 7 до 9 јули во главниот град на Уругвај. По Бразил, Аргентина, Еквадор и Венецуела, ова е петта држава од Латинска Америка каде што филмот ќе биде прикажан.
Во режија на Гоце Цветановски, „Јон Вардар против Галаксијата“ е научно-фантастична комедија која веќе ја освои публиката на бројни светски фестивали, комбинирајќи остар хумор и различни стилови на анимација за да ја раскаже неверојатната авантура на еден антихерој низ вселената.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.