Економија
Вархеји: Со економската помош од 9 милијарди евра ја забрзуваме европеизацијата на регионот

Владата денеска одржа свечена седница на која комесарот за соседство и проширување на Европската комисија, Оливер Вархеји, ги презентираше Годишниот извештај на Европската комисија за нашата земја и Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан.
На почетокот на свечената седница премиерот Заев нагласи дека посетата на комесарот Вархеји се остварува во исклучително значаен момент за земјата, во година кога станавме членка на НАТО и во период кога се очекува усвојување на Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија до крајот на годинава, за време на германското претседавање со ЕУ.
„Ние сме уверени и подготвени дека можеме да го изодиме тој пат и во иднина да придонесуваме за единството и развојот на ЕУ како глобална сила во светот“, рече Заев во поздравната реч.
Вчера Европската комисија го објави Годишниот пакет за проширување, кој го вклучува годишниот Извештај за процесот на пристапување на земјата во ЕУ, како и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, како два исклучителни важни документи за ЕУ-агендата на Северна Македонија.
„Извештајот на ЕК дава јасна слика за напредокот на земјата, но и за областите каде што треба дополнително подобрување и усогласување со европските стандарди. Извештајот ќе го искористиме за подготовка на првите акциски планови и стратегии од првиот кластер, посветен на темелните вредности, кои натаму ќе се преточат во преговарачки позиции на нашата земја“, кажа Заев и истакна дека финансиската поддршка од 9 милијарди евра преку ИПА 3, ќе испрати силна порака за поддршка на ЕУ перспективата на регионот.
Во своето обраќање на свечената седница, еврокомесарот Вархеји потенцираше дека со економската помош за земјите од Западен Балкан во висина од 9 милијарди евра, ЕУ се обврзува да ја забрза европеизацијата на регионот.
Како посебно важни, комесарот Вархеји ги истакна регионалните инфраструктурни проекти за автопатно и железничко поврзување на главните градови на земјите од регионот, за што ЕУ направила и измени во своите политики и согласно планот на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан учеството на ЕУ во кофинансирањето на овие проекти ќе биде во висина од 40% наместо досегашните 20%.
Во планот за реализација на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан приоритет има и поддршката на енергетските проекти за регионално поврзување, како и инвестирањето во социјалните и човечките ресурси во образованието и во политиките за спречување на иселувањето на младите.
Во завршницата на свечената седница на Владата, премиерот Заев истакна дека годинешниот извештај на Европската комисија, како и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, најавуваат нова ера за успешно спроведување на реформите, за регионалната соработка, и дека планот на ЕК во наредните 4 до 5 години се поклопува со мандатот на оваа Влада со што се совпаѓаат целосно интересите на ЕУ со Програмата на македонските власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска – Кочоска ќе го следи поскапувањето на бензините, не кажа дали тоа ќе повлече други поскапувања

Министерката Гордана Димитриеска – Кочоска по денешните најави за поскапување на бензините кажа дека Министерството за финансии ќе ја следи состојбата, но не даде конкретен одговор на новинарско прашање дали поскапувањето на бензинот кај нас ќе повлече и други поскапувања.
„Станува збор за берзански производ на кој не можеме да имаме никакво влијание, така што ќе следиме што ќе се случува. Сме имале години кога сме имале и многу високи цени, да се вратиме наназад да ги видиме, сега немаме некоја премногу висока цена на горивото меѓутоа да видиме што ќе се случува на берзанските производи. На тоа Владата не може да има влијание затоа што станува збор за цени кои се формираат на светските берзи“, рече министерката Димитриеска – Кочоска денес по состанокот со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, на кој се договорија амбасадите на координации во Министерството за финансии да ги договараат проектите за кои ќе одвојуваат средства во земјава, за да нема поклопување.
Регулаторната комисија за енергетика утрово извести дека од ноќеска по полноќ за 1,50 денар за литар поскапуваат бензините еуросупер 95, еуросупер 98 и дизелот, а мазутот е поскап за 1,293 денари по литар
Економија
Се зголемува цената на бензините и на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,63 % во однос на одлуката од 9.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,088%, кај дизелот за 5,626%, кај екстра лесното масло за 5,127% и кај мазутот зголемувањето е за 5,691%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден/кг и сега ќе изнесува 39,779 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 17.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Средба на гувернерот Славески со МБА: Стабилниот и одговорен банкарски сектор како неопходна потпора за економијата

„Во услови на светска неизвесност и постојани економски предизвици, воспоставувањето стабилен, добро капитализиран и одговорен банкарски сектор претставува суштинска потпора за граѓаните и за развојот на домашната економија.“ Ова беше една од централните пораки на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и раководството на Македонската банкарска асоцијација (МБА) – претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева и заменик-претседателот, м-р Бојан Стојаноски.
На средбата беше нагласено дека одржувањето на стабилноста на банкарскиот сектор е заеднички приоритет и предуслов за градење долгорочна доверба кај граѓаните и кај стопанството. Гувернерот Славески истакна дека банкарскиот сектор кај нас е добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот од 19%, што овозможува отпорност и во услови на евентуални шокови. Воедно, беше потцртано дека Народната банка е активно вклучена во унапредувањето на регулативата преку свој придонес во подготовката на новиот Закон за банките, како и во доследното спроведување на Законот за решавање банки, заради понатамошно зајакнување на стабилноста и усогласеноста со европските стандарди.
„Народната банка преку добро поставените политики обезбедува стабилна и предвидлива средина. Тоа е предуслов за банките да ги исполнат очекувањата на граѓаните и компаниите – со сигурни, достапни и со квалитетни услуги“, рече гувернерот.
Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на конкуренцијата во платниот промет, особено преку финтек-иновации и нови технологии. Во таа смисла беше отворено и прашањето за напредокот во пристапувањето на банките кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Беше нагласено дека крајниот рок за поднесување на барањата е 5 октомври оваа година и дека се очекува од банките да ги засилат активностите за навремено исполнување на оваа важна стратегиска цел, со која ќе се подобри интеграцијата и ефикасноста на прекуграничните плаќања.
Во однос на монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка внимателно ги следи движењата на внатрешните и надворешните фактори на ризик. Секоја идна одлука за основната каматна стапка ќе биде донесена врз основа на детални макроекономски анализи, со цел да се зачува ценовната стабилност и да се поддржи економската активност.