Култура
Програмата на Кинoтека се враќа во сала

Програмата на Кинотеката од утре, 8 октомври, се враќа во киносала.
Здравствените протоколи за посетителите на Кинотеката ги пропишуваат следниве правила:
– Задолжително e носењето лична заштитна опрема (маска) за сите посетители на киното. Маската е задолжителна за цело времетраење на посетата на киното, во сите простории: хол, тоалет, киносала за цело времетраење на проекцијата.
– Задолжително е одржување физичка дистанца од 1,5 – 2 метри помеѓу посетителите пред билетарницата, пред влезот во холот, пред влезот во киносалата и евентуално купување на шанкот.
– Не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката во холот или киносалата.
– Задолжителна дезинфекција на рацете за сите посетители при влез во киното.
– Задолжително мерење на телесната температура на сите посетители при влез во киното.
Билетот се купува на билетарница, задолжително е одржување дистанца од 1,5 до 2 метра, и истото растојание меѓу вработениот и посетителот.
– Задолжително седење само на местото за седење обележано на билетот.
– Користењето на тоалетите е ограничено на максимум двајца посетители во исто време.
Утре, со почеток во 19 часот ќе биде прикажан „Студена војна“ во режија на Павел Павликовски.
Сторијата на филмот зборува за страсната љубовна приказна меѓу младата и амбициозна пејачка и танчарка Зула (Јоана Кулиг) и музичарот и диригент Виктор (Томаш Кот). Зула излегува од поправен дом и се пријавува на аудицијата на новоформираното културно-уметничко друштво што ги негува традициите на полскиот фолклор веднаш по војната.
„Студена војна“ освои „Златна палма“ за режија во Кан минатата година и беше еден од најсериозните кандидати за Оскар, со бројни одлични критики низ целиот свет.
Влезниците се по цена од 100 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.