Македонија
Aмбасадата на САД донира опрема од 460.000 долари за МВР

Aмбасадата на САД донира 460.000 долари за Министерството за внатрешни работи. Донацијата се состои од медицинска опрема и опрема за лична заштита и компјутерска опрема наменета за Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.
„Денешната вредна донација, за која упатувам искрена благодарност до Амбасадата на САД во нашата земја и до владата на САД, е уште еден доказ за нашето цврсто партнерство со владата на САД, со нејзините институции, кои сите овие години од нашата самостојност ни ја даваат својата максимална поддршка, но и помош во реформските зафати и во осовременување на капацитетите на Министерството, што е показател за заедништвото во остварувањето на стратешките цели на Република Северна Македонија – наше целосно евро-атлантско интегрирање и уште една потврда за заедничките вредности што ги споделуваме“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на свеченото примопредавање на донацијата во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“.
Донацијата се состои од два сегмента, и тоа медицинска опрема и опрема за лична заштита за припадниците на Единицата за брзо распоредување при МВР, вредна приближно 250.000 долари, и опрема наменета за Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР во вредност над 200.000 долари.
„Станува збор материјални средства, за хардвер и софтвер, што уште повеќе ќе ги подигнат стандардите во работењето на овие две полициски организациски единици и дополнително ќе нѐ придвижат до посакуваната цел, а тоа е градење и етаблирање кредибилна, технички и кадровски модерна и динамична полиција, која ќе биде подготвена да се соочи со каква и да е задача поставена пред неа“, рече Спасовски.
Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс, посочи дека Република Северна Македонија продолжува да биде извонреден партнер во борбата против тероризмот.
Според неа, донираната компјутерска опрема ќе помогне да се подобрат процесирањето и анализата на дигиталните докази, а донираната медицинска опрема ќе биде од полза на полициските службеници на терен, во фронталните линии, во подобрување на подготвеноста да одговорат на случаи на траума и спасување животи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одрон на патниот правец Живалево – Туралево, сообраќајот се одвива по една коловозна лента

Од 05:00 часот на патниот правец село Живалево – село Туралево има одрон, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.
Во 03:40 часот се укинува забраната за тешки товарни возила према превој Стража, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места дожд и снег

Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места од дожд и снег, а на планините повремен снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се движи во интервал од 2 до 7 степени, а максималната ќе биде во интервал од 4 до 11 степен.
Во Скопје, облачно и студено со врнежи од дожд, а на повисоките места од котлината со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти со 3, а максималната ќе достигне 7 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност нашата држава е зафатена од студен бран кој доаѓа од северните делови на континентот. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 50 l/m² дожд. Денес на планините врнежите ќе преминуваат во снег, при што ќе се формира значителна снежна покривка. Поради натамошно спуштање на студен воздух, ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во снег и на некои од повисоките населени места. За време на викендот времето ќе биде стабилно со ниска утринска температура, а дневната ќе биде во благ пораст.
Македонија
Врнежи од снег и паднати дрвја на патот Никфорово-Леуново-Бунец, сообраќајот во прекин

На регионалниот пат Никфорово-Леуново-Бунец од 23:20 часот, сообраќајот е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловоз, извести АМСМ.
Се интервенира за негово расчистување.
Во текот на денот и вечерва вработените од Ј.У.Н.П. „Маврово# со сопствена механизација, се вклучија во активностите за расчистување на паднатите дрва кои го отежнуваат движењето на автомобили по регионалниот пат Маврово – Дебар и околу Мавровското езеро.