Култура
Најдобра претстава на МТФ – ,,Човек, ѕвер и доблест”

И во време на пандемија, „Театар комедија“ продолжува да ниже успеси! Претставата ,,Човек, ѕвер и доблест“ (Л. Пирандело), во режија на Егон Савин, е прогласена за најдобра претстава на МТФ ,,Денови на комедија“ во Куманово.
Според публиката оваа година на Денови на комедија 2020 за најдобра претстава е прогласена претставата „Човек, sвер и доблест“ на „Театар комедија“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина оперската дива Милка Ефтимова

Почина оперската примадона Милка Ефтимова, доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.
Во својата долготрајна, богата и плодна кариера таа отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби застанувајќи повеќе од 1.200 пати на оперската и на концертната сцена во дваесетина земји во светот, соопшти Националната опера и Балет.
Со извонредна музикалност и изразито чувство за артизам таа ги креира Орфеј во „Орфеј и Евридика“, Ацучена во „Трубадур“, Еболи во „Дон Карлос“, Сузуки во „Мадам Батерфлај“, Марфа во „Хованшчина“, Улрика во „Бал под маски“ и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на „Кармен“. Од оперската сцена јубилејно се прости токму со „Кармен“ на 6 ноември 1991 година.
Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и во Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св. Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).
Нејзинито тело ќе биде изложено в сабота, 16 август, во 10 часот во капелата во Радовиш, а погребот ќе се изврши во 11 часот на гробиштата во Радовиш.
Култура
Завршен концерт на учесниците од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика

На програмата на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на Емилио Перцан и Тамила Гулиева.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие, но и од други земји. На семинарите, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Македонскиот виолинист Емилио Перцан има активна педагошка и изведувачка кариера и соработува со уметници како: Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Кент Нагано, Чен Реис, Рафаела Миланези, Михаел Рол, Јулија Лежнева, Гзавие де Метр и др. Преку различни ангажмани, Перцан настапува во најпознатите сали и на најпознатите фестивали низ светот како: салата на Берлинската филхармонија, салата на фестивалот во Баден-Баден, Оперската сала во Токио, Концертната сала во Сао Паоло итн.
Снима за дискографските куќи: „Дојче грамофон“, „Сони“, „Дека“, „Хармонија Мунди“, „Пан класикс“ и „Оникс класикс“.
Од март 2015 година предава виолина на Универзитетот за уметност во Грац-Австрија, а од октомври 2020 година и на Универзитетот „Калаидос“ во Цирих.
Држи семинари по виолина, виола, камерна музика и предавања по историска изведба, методика во Германија (Schloss Akademie Hamburg), Русија (Конзерваториум „Чајковски“, Гнесинска академија, Иполитовски институт), Австрија (Gifted in music), Италија, Киргистан, Украина итн.
Неговите студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди.
Пијанистката Тамила Гулијева дипломира и магистрира со почести на Музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач.
Гулијева е добитничка на повеќе награди, меѓу кои прва награда на Фестивалот за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Како солист настапува рецитално и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано-соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, Квартетот „Форе“ и др.
Култура
Со доделување на наградите заврши 4. издание на фестивалот „Преку езерото“

Синоќа со прогласување на добитниците на наградите, заврши 4. издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ што се одржуваше во Дојран.
Беа прогласени победниците и беше доделена големата награда за најдобар филм на медитеранот, најдобариот режисер на медитеранот, најдобра актерка и најдобар актер на медитеранот, најдобар композитор на оригинална филмска музика на медитеранот, и наградата за најдобар кусометражен филм на медитеранот, за кои одлучуваше жирито во состав: Христос Пасалис, Теодосија Добријанова, и Игор Анѓелков.
Беше доделена уште една награда, за најдобра медитеранска приказна, која ја доделува Студентското жири на фестивалот, кое избира и наградува сосема спротивно и сосема поинаку од големото фестивалско жири! Затоа што младоста има свои приказни!
-Во изминатите неколку денови гледавме неколку прекрасни, возбудливи, итни филмови, многу различни еден од друг, од различни држави, секој со своја естетика и предмет на интересирање. Погледнавме филмови кои ги отсликуваат некои од најитните прашања со кои денес се соочуваат Балканот и Медитеранот. Го видовме регионот како рута, но и како последна станица. Како дом и како ладен, индиферентен домаќин. Филмовите заедно создаваат палета од човечки искуства кои нам сега ни изгледаат барем малку поблиску. Гледајќи ги овие филмови заедно со вас беше привилегија, а да се биде дел од жирито – тоа беше задоволство, но и одговорност која не ја издржавме лесно. Вечерва, на затворањето на фестивалот, имаме чест да ви ги претставиме и победниците, рече Христос Пасалис, претседател на жирито.
Главната награда за најдобар медитерански филм на фестивалот „Преку езерото“ ја доби филмот „Мали проблематични девојки“ и Уршка Ѓукиќ, за автентичното прикажување на моминското детство и тинејџерската сексуалност. Станува збор за длабоко и лежерно, сензуално деби кое отворено зборува за копнежот по оваа речиси неистражена територија помеѓу детството и животот на возрасните.
Наградата за најдобар краток филм ја добија два филма- „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау и „Бланш“ од Јоана Ракотариса.
Наградата за најдобра музика ја доби „Било каде било кога“ од Милад Тангшир, за филм кој ја користи музиката не како позадина или атмосфера, туку како лик во наративот.
Наградата за најдобра актерка оди кај Фереште Хосеини за нејзиното фасцинантно толкување на модерната Антигона.
Наградата за најдобар актер му припадна на актерот Акилас Каразисис за улогата на Такис во филмот „Месо“, кој, со прецизност, внатрешна длабочина и избегнување на клишеа, оживува лик полн со противречности – преговарајќи за нашите очекувања за тоа што прави еден херој или негативец – балансирајќи со финеса помеѓу внатрешните и надворешните сили што го притискаат.
Наградата за најдобар режисер ја добива Уршка Ѓукиќ за филмот „Мали палави девојки“, за креативниот процес на откривање на самиот живот, храбриот пристап кон разбирањето на сложеноста на младоста преку автентично раскажување кое ги комбинира желбата, сексуалноста и верата на динамичен и оригинален начин, режисерот успева да каже многу со малку: нежни гестови, суптилни погледи кои изгледаат ситни, но значат сè, фина рамнотежа помеѓу хуморот и копнежот, разочарувањето и надежта.
Специјално споменување за филмот „Било каде било кога“ од Милад Тангшир, кој со документарна вистина, детали и вистинска топлина го прикажува секојдневниот живот на еден имигрант во денешна Европа. Филм снимен на локација, на улиците на Торино, прикажувајќи го градот како ветена земја која, без разлика колку блиску се чини дека протагонистите се до нејзиниот центар, секогаш наоѓа начини да ги оттурне.
Студентското жири ја донесе одлуката наградата „Најдобрата медитеранска приказна“ да му ја додели на филмот „Било каде било кога“ на Милад Тангшир, бидејќи овој филм покажува како безвременските теми можат моќно да се преосмислат во убедлива приказна што зборува за денешната општествена реалност подигајќи ја свеста за борбите на имигрантите и нуди свежа перспектива која ги руши стереотипите.
По доделувањето на наградите менторите на работилницата за развој на дипломски и дебитантски краток филм, Александар Русјаков и Дејан Милошевски, и директорот на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм, проф.д-р Јани Бојаџи, ги соопштија овогодинешните добитници на грантови за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм, по што следуваше проекција на филмот „Постојам“, Јоргос Цимберопулос (Грција).