Регион
Во Црна Гора денеска има поголем број заразени отколку за време на целиот прв бран
Црна Гора денеска регистрира 344 нови случаи на коронавирус, што значи дека денешниот број на заразени е поголем од вкупниот број инфицирани во првиот бран на епидемијата кога беа регистрирани вкупно 324 случаи од средината на март до почетокот на мај.
Црногорските епидемиолози предупредуваа дека бројот на заразени на дневно ниво може да се зголеми до крајот на неделава, особено во Подгорица, каде што ковид-центрите деновиве беа оптоварени со посети на граѓани, а колоните автомобили, чии возачи чекаа на тестирање, беа долги и по неколку километри.
Половина од новите случаи забележани денес се токму од главниот град на Црна Гора, кој доколку продолжи овој тренд на зголемување на бројот на заразени, може да влезе во црвената зона, што значи воведување рестриктивни мерки, како затворање ресторани и воведување полициски час од 22 до 5 наутро.
„Во моментот има 3.828 активни случаи во Црна Гора, односно 608 инфицирани на 100.000 жители“, соопштија црногорските здравствени власти додавајќи ја и информацијата за три нови смртни случаи во последните 24 часа.
„Вкупниот број смртни случаи поврзани со Ковид-19 од почетокот на јуни е 185, а од почетокот на годината 194“, беше соопштено денеска.
Црногорскиот министер за здравство во заминување, Канан Храповиќ, објави дека црногорската влада повела постапка за набавка на „ремдесивир“, кој ќе се користи за лекување пациенти што имаат потешка клиничка слика.
„Набавката на овој лек во наредните месеци, најверојатно, ќе биде можна исклучиво преку заедничкиот механизам за набавки инициран од Европската комисија“, соопшти Храповиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

