Македонија
Хоспитализирани над 400 заразени со коронавирус во болниците низ Македонија
Во моментов во болниците низ Македонија хоспитализирани се вкупно 419 лица кои се позитивни на коронавирус.
Според последните информации од Министерството за здравство, на Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 3 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 93 пациенти. На кислородна поддршка се 53 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 5 деца и 6 мајки позитивни на ковид-19, 1 дете и 1 мајка суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 5, а вкупно хоспитализирани се 45 пациент. На респиратор се 3 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 29, а во болницата во Штип се 48 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 191, позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Инфективна е речиси исполнета, подготвена е монтажната болница
Капацитетот на Клиниката за инфективни болести во Скопје е речиси исполнет, па за прием на нови пациенти веќе е подготвена модуларната болница во близина на клиничката зграда.
Министерството за здравство јави дека активно се работи на реорганизација на болничките капацитети и медицинскиот ладар по системот на ротација.
Министерот Венко Филипче, рече дека во модуларната болница има доволен број на медицински кадар. Тој изјави дека нема да се преоптоварува капацитетот повеќе од тоа што е сега, за да не трпат останатите одделенија и здравствените работници.
Струмичката болница преполна со пациенти, се бара дополнителен персонал
Директорот на струмичката болница, Наќе Гогов денеска изјави дека капацитетите на струмичката болница се исполнети, а проблем има и со медицинскиот персонал.
Тој рече дека се планира поставување на седум кревети во другите амбуланти, но, како што вели, засега најголем проблем е персоналот.
Директорот побарал помош од институциите, па очекува од среда да биде испратен дополнителен медицински персонал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

