Економија
Состанок Бежоска – Паолучи: Мерките на Народната банка ги ублажија ефектите од ковид-кризата
Од исклучително значење за македонската економија се вложувањата на Народната банка во одржувањето на финансиската стабилност. Ова се согледува и во текот на ковид-кризата кога сите стандардни показатели за оценка на состојбите во банкарскиот систем се задржуваат на солидно ниво. Светската банка постојано ги следи активностите и спроведувањето на препораките, вклучително и во однос на воспоставувањето соодветна макропрудентна рамка и во унапредувањето на анализите и на следењето на системските ризици, согласно со највисоките меѓународни стандарди. Соработката меѓу двете институции во претстојниот период и дополнително ќе се засили преку веќе планираните проекти на Народната банка за кои Светската банка дава поддршка.
Ова се дел од констатациите од првиот работен состанок меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка и новиот директор на Канцеларијата на Светската банка во земјата, Масимилиано Паолучи, и дел од неговиот тим, кој се одржа видеотелеконференциски.
Како што беше истакнато на состанокот, со заедничка посветеност ќе се продолжи со развивање на капацитетот за следење на системските ризици, унапредување на макропрудентната рамка, збогатување на инструментите за решавање банки и сл. Овие активности, меѓу другото, ќе треба да резултираат и со закон за финансиската стабилност, како и со измени на постојната законска регулатива со кои ќе се прошири инструментариумот на Народната банка.
На состанокот се разгледаа и остварувањата на македонската економија во актуелниот период, ефектите од ковид-кризата и досегашните преземени мерки за неутрализирање на ефектите. Тимот на Светската банка се осврна на досегашните мерки на Народната банка, вклучително и на дадената можност за одложување на наплатата на кредитите и другите мерки за олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците, како и на прудентниот третман на кредитите за кои се користат овие мерки за поддршка. Kако што беше посочено, овие мерки имаа клучна улога во ублажувањето на неповолното економско влијание на пандемијата, а на состанокот се разговараше и за важноста на внимателното димензионирање на мерките за да се избегнат непотребни и несакани ефекти, како и за потребата од издржана излезна стратегија.
Кон завршницата на состанокот, Ангеловска-Бежоска и Паолучи искажаа решеност во претстојниот период и дополнително да се засилат комуникацијата и соработката меѓу тимовите на двете институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

