Свет
Германскиот министер за здравство: Вакцината против Ковид-19 нема да биде задолжителна
Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, се обиде да ги минимизира стравувањата за задолжителни вакцинации против коронавирусот велејќи дека тешко оти ќе бидат потребни задолжителни вакцини за да се спречи ширењето на вирусот, пренесува РТ.
Шпан истакна дека германските власти се фокусирани кон целокупниот имунитет на 50 до 65 отсто од населението, што би било доволно за ефикасно да се потисне вирусот. Целта, најверојатно, ќе биде остварлива преку доброволни вакцинации, тврди тој.
Тој направи споредби со сипаниците, кои се многу позаразни од коронавирусот, и побара да се вакцинира 95 отсто од популацијата за да се запре ширењето.
Министерот додаде дека нема причина луѓето да не може да се придржуваат до едноставни хигиенски практики, како миење на рацете, додавајќи дека носењето маски во постудените зимски месеци, во кои се очекува да се зголемат инфекциите, е разумно.
Шпан рече дека масовната вакцинација против Ковид-19 веројатно ќе почне во Германија во првиот квартал на 2021 година. Тој објави дека речиси 1,1 милион луѓе биле тестирани секоја недела во Германија, од кои 1,6 отсто биле позитивни.
Речиси 5.132 случаја на коронавирус беа пријавени од германските здравствени власти во вторникот, што е најголема бројка од април. Сепак, капацитетот за тестирање во меѓувреме значително се зголеми, што може да ја објасни и ваквата бројка.
Имајќи го предвид ова, Шпан навести можно воведување построги ограничувања на забавите, прославите и на настаните, како и проширување на барањата за маски. Германските власти размислуваат да воведат унифицирани упатства за коронавирусот во сите германски покраини кои во моментот имаат разни ограничувања, и тоа во зависност од стапката на зараза и густината на населението.
Шпан ја истакна потребата од почитување на упатствата за коронавирусот за кои рече дека се прифатени со минимален отпор. Тој тврди дека екстремниот надзор е непотребен и дека случајните проверки најверојатно ќе го постигнат предвидениот резултат за ограничување на ширењето на заразата.
Коментарите на министерот доаѓаат во време на зголемена загриженост за безбедноста на вакцините по прекинувањето голем број тестирања од висок профил поради разболување на учесниците или несакани ефекти од вакцината.
Коментарите на Шпан, најверојатно, ќе ги намалат стравувањата од задолжителни програми за вакцинација во една од најмоќните земји во ЕУ.
Можноста за задолжителни вакцини против Ковид-19 ги разгоре мислењата во целиот свет. Речиси 39 отсто од анкетираните Канаѓани сметаат дека вакцината против коронавирус треба да биде задолжителна, а министрите во владата на Велика Британија се поделени.
Велшкиот министер за здравство и социјални услуги, Вон Гетинг, рече дека нема да ги исклучи задолжителните вакцини за велшките граѓани. Неговите коментари беа нападнати од Сузи Дејвис, која рече дека тоа е орвелска изјава, а лидерот на партијата Брегзит, Марк Реклес, рекол дека дури и самиот предлог е неприфатлив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
И покрај поканата во одборот на Трамп, белоруската делегација не добила дозвола за влез во САД
Белоруските официјални лица не добиле визи за патување во Соединетите Американски Држави на основачкиот состанок на Советот за мир, и покрај официјалната покана да присуствуваат, јави „Киев индипендент“.
Според соопштението, белоруските претставници на 19 февруари информирале дека не успеале да обезбедат визи за патување во САД за состанокот на Советот за мир.
„Визите за нашата делегација на состанокот на Советот за мир не беа издадени, и покрај тоа што сите документи беа поднесени навреме и процедурите беа почитувани“, напиша Министерството за надворешни работи на Белорусија на социјалните мрежи.
Министерот за надворешни работи Максим Риженков требало да присуствува на состанокот, иако поканата формално била упатена до белорускиот лидер Александар Лукашенко.
„Ако дури и основните формалности не се почитувани, за каков ‘мир’ зборуваме?“, соопшти Министерството.
Советот за мир, основан од претседателот на САД Доналд Трамп, првично бил замислен како механизам одобрен од Обединетите нации за спроведување мировен план за Газа. Подоцна иницијативата била опишувана како обид за проширување на мандатот на Советот.
Се очекува Трамп да биде првиот, а можеби и единствениот претседавач на Советот. Предложената такса од една милијарда долари за постојано членство довела дел од набљудувачите да ја опишат институцијата како лична верзија на Обединетите нации на Трамп – организација што тој често ја критикувал.
Советот, по дискреција на претседавачот и со согласност на засегнатите држави, би можел да се занимава и со други конфликти ширум светот, вклучително и со војната на Русија против Украина.
Свет
Зеленски: Во Русија има 10.000 севернокорејски војници, тоа е исклучително опасно
Претседателот на Украина, Володомир Зеленски, во интервју за јапонската новинска агенција „Кјодо њуз“ рече дека во моментов има 10.000 севернокорејски војници на територијата на Русија, оценувајќи го тоа како „екстремно опасен“ развој на ситуацијата.
Како што рече, ова се војници кои стекнуваат искуство во модерното војување врз основа на битките што Русија ги води против Украина.
„10.000 севернокорејски војници сега се на територијата на Русија. Исклучително е опасно што тие стекнуваат знаење за модерното хибридно војување. Тие знаат како да се бранат од ракети, од различни видови дронови – вклучувајќи дронови со оптички влакна – од FPV до дронови со долг дострел. Сега тие учат на територијата на Русија, бидејќи ние одговараме на руски напади. Значи, тие ја имаат оваа можност. Што ќе прават со ова знаење? Најмалку, ќе го донесат ова знаење и искуство дома во Северна Кореја“, рече тој.
Неговата изјава доаѓа во време кога западните разузнавачки служби со месеци предупредуваат за интензивирање на воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг, вклучително и испораки на оружје и муниција.
Зборувајќи за можноста за мировни преговори, Зеленски нагласи дека Украина е подготвена за „вистински компромиси“, но не по цена на независноста и суверенитетот.
„Подготвени сме за вистински компромиси. Но, не компромиси по цена на нашата независност и суверенитет. Подготвени сме да разговараме за компромиси со Соединетите Држави. Но, да не добиваме ултиматуми од Русите одново и одново. Тие се агресорот. Сите го признаа тоа. Тоа не се променило. Многу земји кои биле посредници или се обиделе да бидат посредници од самиот почеток на оваа војна, особено на Блискиот Исток и Азија, како и други земји, сите признаваат дека Русија е агресорот“, рече тој.
Тој додаде дека самиот факт што Украина разговара со Москва за компромиси е еден вид отстапка.
„Затоа нашиот компромис е дека разговараме со агресорот за компромиси. „Стоп и ќе застанеме таму каде што сме“ – тоа е голем компромис. Тие зедоа речиси 20% од нашата територија. И ние сме подготвени во овој момент да разговараме за мир врз основа на „Стоп и ќе застанеме таму каде што сме“. Тоа е голем компромис“, рече тој.
Потоа Зеленски ја критикуваше руската позиција.
„Што ни нуди Русија како компромис? На што се подготвени? Тие рекоа: „Подготвени сме да не ги окупираме вашите други региони“. Но, тоа е тероризам. Дури и тој јазик е тероризам. „Подготвен сум да не ве убијам – дајте ни сè“. Што значи тоа? Тоа не е компромис. Тоа е ултиматум. Затоа реков: ние сме подготвени за компромиси што го почитуваат украинскиот суверенитет и територијален интегритет, нашата армија, нашиот народ и нашите деца. Но, ние не сме подготвени за ултиматуми“, рече тој.
фото/Depositphotos
Свет
Колапс во Австрија поради снегот: Аеродромот во Виена затворен, автобус затрупан од лавина
Силна зимска бура го погоди поголемиот дел од Австрија и предизвика хаос низ целата земја. Поради обилните снежни врнежи и силниот ветер, аеродромот во Виена привремено го прекина сообраќајот, додека на патиштата се случуваат несреќи и сообраќајни метежи. Во Тирол, лавина затрупа автобус со патници.
Застрашувачко сценарио се случи рано утрово во тиролската долина Лехтал. Во општината Бах, малку пред 5 часот, лавина затрупа автобус што превезуваше единаесет патници. Според полицијата, за среќа никој не е повреден.
Поради лошите временски услови, виенскиот аеродром Швехат привремено ги прекина сите операции утрово.
Околу 117 летови беа закажани да полетуваат до 9 часот наутро, од кои 19 беа откажани, а аеродромот не ја исклучува можноста за понатамошни откажувања. „Интензивно работиме на што е можно побрзо враќање на воздушниот сообраќај. Според моменталните прогнози, снегот треба да престане да паѓа во текот на утрото“, изјави портпаролот на аеродромот.
фото/ЕПА

